ЦИВИЛ: Срамна аболиција! Иванов, заминувај!

0
1062

„Ѓорге Иванов објави дека поднел општ акт за прекинување на сите кривични постапки против лица од власта и од опозицијата, наводно, како начин за излез од политичката криза, тврдејќи дека не може „во својот мандат да го дозволи ова што ѝ се случува на Македонија“.

А што тоа ѝ се случува на Македонија во овие седум години додека Иванов ја окупира претседателската фотелја?

Го повикуваме Иванов да го објасни ставот дека кризата во Република Македонија е „нечиј туѓ интерес“.

Иванов се служи со веќе слушнати фрази за некој невидлив непријател кој, според него, им направил нешто на политичарите и од власта и од опозицијата, па тие се мразат меѓусебно. Во своето обраќање, тој инсинуира дека виновникот за кризата е меѓународната заедница. За кого точно се работи? Бараме од него да го именува виновникот!

„Аболицијата“ на Иванов е акт кој нема кредибилитет и не смее да се признае. Тој се наоѓа на позиција до која дошол на избори за кои постојат отворени истражни постапки и обвинителни акти за изборна кражба. Таа истрага мора да добие судска разрешница, а дури потоа, некој може да размислува за аболиција.

Наместо да излегува со небулозни обиди да ја спаси својата и кожата на неговите наредбодавачи, го повикуваме Иванов да поднесе оставка на функцијата до која дошол, како што целата јавност слушна, преку изборна кражба“, соопштуваат од ЦИВИЛ.