ХРВАТСКА ЈА СМАЧКА ГЕРМАНИЈА НА ЕП ВО РАКОМЕТ

0
1553

Во најубавиот натпревар досега на Европското првенство во ракомет, Хрватска ја совлада Германија со 25-24 (11-14) и сервираше реванш за поразот во Келн минатата година. Момците на Червар се сега во друштво на Шпанија со максимални пет победи и шест бода и полуфиналето веројатно ќе го заверат в понеделник против Чешка, па со „фуријата“ ќе решаваат само за првото место во групата.

Двете селекции почнаа многу нервозно, Хрватите не реализираа два седмерци, па Генсхајмер и другарите почесто доаѓаа до минимална предност. Кога крилото на Рајн Некар Левен погоди од мртов агол на лево крило, првпат една селекција поведе со +2. Хрватите уште еднаш погрешија и кога Генсхајмер уште еднаш погоди, Червар побара минута одмор при 5-8.

Бундес-тимот започна да игра грубо, следеа две исклучувања по ред и два гола на „каубојите“ за 8-9 во 22. минута. Хрватската одбрана 5-1 не функционираше како досега, а Рогиш ги подготвил Германците на игра на работ на регуларноста. Кога и третпат Хрватите не реализираа седмерец, дефинитивно го разбранија Волф и на одмор Германија замина со 11-14. Филип Вебер беше изненадувањето на Червар и постигна три гола преку хрватската зона во првиот дел.

И вториот дел започна во знакот на 6-0 одбраната на Германија и одличниот Волф на голот. Сепак, и Германците почнаа да грешат, па Степанчиќ и Мандиќ реализираа од транзиција за 16-18 во 40. минута. Леворакиот Степанчиќ ја презеде одговорноста, даде неколку ефектни гола и го принуди Прокоп на тајм-аут при 20-21 во 46. минута. „Каубоите“ играа во транс, Ашанин одбрани зицер и Мандиќ од контра израмни на дванаесет минути до крајот.

Во вистинска војна за секој дел од теренот и игра гол за гол, Дувњак пресече еден германски напад и погоди за 24-24 на три минути до крајот. Пекелер на две минути до крај беше исклучен и Хрватска со човек повеќе тргна во напад за водство. Карачич постигна златен гол и пулените на Червар првпат поведоа (25-24). Шего му одбрани зицер на Пекелер и ја одведе Хрватска на „седмо небо“. Со оваа победа од 25-24, Хрватска е на вратите на полуфиналето, а Германија нема шанси за медал.

Најефикасни во хрватскиот табор беа Карачиќ со седум, Дувњак со пет и Степанчиќ со по четири гола, а кај Германија се издвоија Вебер, Генсхајмер и Кастенинг со по чети погодоци. Поранешниот вардарец Игор Карачиќ беше прогласен за играч на натпреварот, а Хрватите десетина минути отпоздравуваа пред своите фанови во Виена.

Утре е слободен ден во виенската група, а се играат натпреварите од второто коло во главната групна фаза во Малме.

Извор : Гол.Мк