ХАН НЕ ИСПРАТИЛ НОВО ПИСМО ЗА ЛИДЕРСКА СРЕДБА, ПОТВРДИ БРИСЕЛ!

0
997

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан нема испратено никакво ново писмо до четирите лидери на партиите, како што викендов објавија повеќе медиуми во Македонија. Наводното писмо од Хан за време на продолжениот викенд дури беше и анализирано од експерти.

Маја Коцијанчиќ, портпоролка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и за проширување денеска на барање на Сакамдакажам да ја открие содржината на писмото изјави: „Нема ново писмо. За тековната ситуација комесарот и европратениците продолжуваат да ги повторуваат поентите дадени во нивната изјава преку делегацијата на ЕУ, како елементи за тековните контакти меѓу партиските лидери“, изјави Коцијаниќ за СДК.

И партиски извори ни потврдија дека никакво писмо од еврокомесарот Хан не било стигнато до лидерите на партиите потписнички на Пржинскиот договор.

Пред продолжениот викенд амбасадорот на ЕУ Аиво Орав уште еднаш контактирал со партиските раководства за да ја пренесе загриженоста на Брисел од заострувањето на политичката криза предизвикано од аболицијата на претседателот Ѓорѓе Иванов и масовноста на протестите што се организираат низ цела држава.

При тоа, евроамбасадорот Орав се повикал на повикот од Брисел политичките лидери под итно да преземат нешто за подготовка на кредибилни избори кои ќе бидат признаени од меѓународната заедница. Последното писмо што го испрати еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан заедно со европратениците Ричард Ховит, Едвард Кукан и Иво Вајгл беше на 21 април, откако стана дека јасно дека нема да се одржи лидерска средба во Виена, претходно закажана за 22 април.