Хан: ДИК има доволно време да го подготви избирачкиот список

0
990

Несомнено треба да има избори во Македонија, а Државната изборна комисија треба да го подготви избирачкиот список, за што сега би требало да има доволно време, изјави денеска еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан во Драч, Албанија каде учествува на министерската конференција на Западен Балкан, пренесува „Мета“.

Еврокомесарот вели дека ако проблемите околу избирачкиот список претходно биле причина за меѓународен притисок за одлагање на датумот на изборите, сега, според него, нема индикации дека подготовката на списокот не може да се направи на време.

– Несомнено треба да има избори. Релевантните и одговорните власти, а особено Државната изборна комисија прават сè што е во нивна моќ да го подготват избирачкиот список што не е оспорено од никого. Немам индикации дека тоа не е возможно. Тоа беше причината поради која имаше меѓународен притисок да се одложат изборите, но сега би требало да има доволно време да се направи се што е неопходно. Го имаме договорот од јуни/јули, а конечната цел од тој договор се фер, транспарентни и меѓународно признати избори кои ќе бидат основа за натаможен развој на земјата особено кога станува збор за евро-атлантските интеграции – вели Хан.

Изборите на 5 јуни биле тема на разговорот меѓу Хан и министерот за надворешни работи, Никола Попоски на маргините на конференцијата, на кој било заклучено дека тие се најдобар пат за Македонија да ја врати агендата и почне со преговори за членство.

Извор: Мета