(ФОТО ГАЛЕРИЈА) Трибина на ПАКТИС Прилеп:Анализа на новиот Закон за одредување и одмерување на висината на казните.

0
1428

Здружението Центар за стратегии и развој ПАКТИС Прилеп, организираше јавна трибина со цел лоцирање на слабите страни од спроведувањето на новиот Закон за одредување и одмерување на висината на казната.

Трибината е организирана во соработка со Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и Институтот за Европски политики – ЕПИ од Скопје.

Христина Биноска од Здружението ПАКТИС, пред присутните адвокати, судии, обвинители и граѓани, ги изнесе резултатите од анализите за примената на законот.

Според неа примената на новиот Закон ги наметна следните проблеми: комплицирани табели за одмерување на казни;можност за влијание врз обвинетиот да ја признае вината, јавниот обвинител при склучување на предлог спогодба се поставува во улога на судија кој одлучува за одредување и одмерување на казната, се земаат во предвид претходните осуди за кои настапиле услови за бришење, а не се избришани,заострување на казнената политика и.т.н.

На трибината со свое излагање се обрати и адвокатот Оливер Илиевски од Битола, којшто ги пренесе практичните искуства од спроведувањето од новиот Закон. Според него, со Законот одредување и одмерување на висината на казната,судијата го губи правото да ја одмерува и индивидуализира казната во секој конкретен кривичен случај, според неговото слободно судиско убедување, коешто е загарантирано со Уставот на РМ.

Велимир Деловски од Хелсиншкиот комитет за човекови права, ги изнесе досегашните резултати од Проектот „Мрежа 23+“ со којшто ги следат областите опфатени со Поглавјето 23 – Правосудство и темелни права, од пристапниот процес во ЕУ на Република Македонија.