Фото: Возен ред на Македонски железници од 1887 година

0
2293

Во „Историја на македонски железници“ наидовме на возен ред од Солун за Скопје и Косовска Митровица и обратно од 1887 година, а кој ви го приложуваме овде Именувањето на железницата како Маќедонска (српска редакција – српски возен ред), според името на територијата низ која поминувала, од денешен аспект е посебно значајно – пишува порталот skopjeinfo.

Тоа преставува уште еден во низата докази, дека оваа територија како низ вековите, така и за време на Отоманската империја се нарекувала Македонија, како што се именувале и мнозинството нејзини жители.

Пуштањето во сообраќај на линијата Солун – Скопје на 9 август 1873 год. било настан од првостепено значење за општиот развој на Македонија. Набрзо по пуштањето во сообраќај на линијата Солун – Скопје, во 1874 година, Скопје било поврзано со железничка линија и со Косовска Митровица. По пуштањето во сообраќај на првата линија во Србија (1884) од Белград до Ниш и нејзиното продолжување од  Ниш до Врање (1886), линијата Солун – Скопје, која веќе била продолжена до Зибевче на турско-српската граница, во 1888 година се споила со српската и така била воспоставена врска меѓу македонската железница и централната и западната железничка мрежа во Европа. Со тоа била реализирана првата железничка врска меѓу исток и запад, Солун, односно Македонија, станале во овој период центар на железничкиот сообраќај.

Железницата извршила револуционерен пресврт во областа на сообраќајот и транспортот во Македонија. Во овој период, предностите на железничкиот сообраќај биле такви што не можело воопшто да се споредат со било кој друг вид сообраќајно средство кое се употребувало дотогаш. Се зголемила брзината и редовноста во транспортирањето на луѓето, стоката, поштата, потоа се зголемила можноста за транспортирање на големи количества стока без разлика на тежина и обем, се намалиле цените на сообраќајните услуги, се зголемила безбедноста при транспортирањето на луѓето и стоките и на крај транспортот веќе независел од природниге непогоди.

Влијанието на железницата врз економскиот, политичкиот и општиот развиток на Македонија било големо. Сечејќи ја Македонија од север на југ на два дела линијата била во состојба да ја прифати стоката која се увезувала и онаа која се извезувала од речиси цела Западна и голем дел од Источна Македонија. Стоката која се извезувала наместо да се транспортира со карвани право до Солун, од изградбата на првата линија се транспортирала до Градско, Велес, Скопје и други железнички станици и оттука со железницата се префрлувала до Солун,, а подоцна и кон Белград и друга земји.

Со пуштањето во сообраќај на првата линија веќе било можно да се води и статистика за бројот на патниците и стоката, транспортирани по железницата. Во 1882 година со железницата патувале 66.245 луге, а две годдни подоцна по железницата биле лренесени 72.872 патника од кои 67.968 патувале во III класа, 4.402 – во II класа и само 502 патувале во I класа. Во однос на стоковниот промет статистиките за обемот на увозната и извозната стока транспортирана со железницата преку Солун, изгледа вака: Во 1879 година биле увезени 24.163.618 кг. разновидна стока, а во 1880 година – 38.454.323 кг. Во 1879 година биле извезени 24.827.134 кг., а во 1880 година – 21.421.557 кг. Од извезената стока (жито, вино, бостан, дрво и кожурци – свилена буба) на прво место стоеле житариците со над 18.000.000 кг. во 1879 година и близу 14.500.000 кг. во 1881 година.

Превозот на патници и стока постепено, но сигурно се зголемува. Тој особено ќе се зголеми по поврзувањето со српската линија. Во 1894 година на оваа линија (Солун – Скопје – К. Митровица,, односно Зибевче) продадени биле 1.119 билети за прва класа, 9.866 за втора класа и 118.795 билети за трета класа, или вкупно 129.770. Биле превезени 1.739 тони стока со брз воз и 172.278 со обичен воз. Биле превезени и 36.585 глави добиток во тежина од 4.874 тони. Во претпоследната година од османлиското владеење на Македонија (1911) транспортот на патници и стока бил многу поголем од оној пред 10-15 години. Таа година биле превезени 558.204 патници од кои само во III класа 513-258; бил транспортиран багаж 1.795 тони, стока 289.950 тони, добиток 130.753 глави. Од сите артикли најмногу било транспортирано жито – 71.027 тони.