Формирање на специјален судски оддел за предметите на СЈО

0
999

Комитетот за заштита на правата изразува голема огорченост и револт поради обидите на обвинетите во случајот „Титаник“ да го негираат дејствувањето на Специјалното јавно обвинителство. Тие, заедно со неколку други злонамерници во своите јавни настапи се однесуваат како да се поткрепени од владејачката партија и со тоа вршат притисок врз судството!? Во името на стотици лажно обвинети и осудени лица, малтретирани, понижени и здравствено уништени во политички монтирани процеси порачуваме и бараме да се почитува законот и работата на СЈО. Многумина од нас до последниот здив ќе се борат за вистината, правдата и владеењето на правото кое не може да се случи без СЈО! Комитетот го повикува Специјалното јавно обвинителство храбро и забрзано да се зафати во костец со криминалот и да ги финализира сите свои предмети.

Македонското судство има неповторлива можност да се ослободи од режимските стеги и притисоци и да направи враќање кон нормалноста и професионалноста. Оваа историска шанса судиите како фела треба да ја зграпчат и да се изборат за својата независност. На тој начин ќе добијат смисла реформите во правосудството кои беа меѓународно поддржани, а еден од нив е и новиот Закон за кривична постапка. Комитетот укажува дека секој ден практикување неправда е пропуштање на шансата за консолидирање на судството.

Комитетот смета дека формирањето на специјален судски оддел за предметите на СЈО е легално и легитимно. Комитетот укажува и потсетува дека во членовите 12 и 23 од Законот за судовите е предвидено формирање специјализирани оддели за карактеристични видови судски предмети. Во ставот (1) на член 12 е потенцирано дека работата во судовите по правило се врши во специјализирани судски оддели. Исто така, потсетуваме дека со членот 32 и 122 веќе е формирано вакво одделение за организиран криминал. Во членот 88 од овој закон е предвидено овие оддели да имаат свои претседатели и заменици.

Претседателот на Основниот суд 1 Скопје може да основа вакво специјализирано одделение составено од избрани судии. Комитетот за заштита на правата го повикува да го стори тоа! Правосудните реформи, особено обуките и стручното усовршување на судиите, кои долги години беа финансиски поддржувани од меѓународните институции, на тој начин ќе бидат конкретизирани. Претседателот на судот, на овој начин ќе обезбеди високопрофесионално независно судење на сложените предмети на СЈО.

Комитетот цврсто стои на браникот на одбрана на уставно загарантираните слободи и права и владеењето на правото. Судството мора да биде независно и никој не смее да го држи во рака, и со закани во заложништво. Затоа контролната функција врз работата на судството мора да се врати во парламентот.

 

07.03.2016

Комитет за заштита на правата

Координатор, Ване Цветанов