Ферид Мухиќ до Анима мунди: Борбите со кучиња ви се поважни од спасот на Македонија!?

0
2173

Почитувани,

Ќе се преправам дека не гледам ништо злонамерно, подмолно, ниту злобно во вашите упорни прозивки јавно да ви ги соопштам моите ставови за некои толку маргинални прашања какви што се тие со кои се занимавате – и дека (наспроти сите други), јас не верувам оти сте инспирирани од етнички анимозитет или друга фобија.

Наместо тоа, ќе претпоставам дека искрено да барате совет да ве едуцирам, бидејќи вашето незнаење навистина е жално да се гледа. Со оглед на тоа што борбите со кучиња ви се поважни од спасот на Македонија, за миг помислив дека се шегувате: во скратеницата на вашата фирма Anima Mundi –ЗЗЗнЖ има премногу букви „З“, та си реков дека ете така, ви текнало да се „ЗЗеЗате“. Како и да е, на оние ваши членови, како и на оние членови на Шарените протести, кои толку учтиво и културно ме молат, им давам една јавна бесплатна лекција:

1. Борбите на кучиња се дел од општествениот живот и еден од спортовите во кои учествуваат животните, со традиција долга колку и коњските трки, што значи, над 3.000 години. До пред еден век биле најомилен и најразвиен спорт во Англија. Денес, борбите од 2 минути се задолжителен елемент во оценувањето на карактерот на кучињата чувари и службени раси. Во многу земји, вклучително и неколку европски, кинолошките сојузи организираат редовни турнири со борби на најдобрите претставници на расата, и тоа на стадиони пред илјади гледачи, во присуство на професионални кинолози и врвни судии-оценувачи, а најквалитетните турнири се пренесуваат и на ТВ. Во Јапонија, како национална традиција, се одржува големото натпреварување во борби на домицилната раса Тоса Ину; на песот-победник на финалниот турнир венецот му го става лично јапонскиот цар! Неточно е дека во борбите на шарпланинците доаѓа до сериозни повреди. Ваквите борби се еден вид демонстрирање ритуална агресивност; кучињата се под влијание на силни инхибиторни системи, кои се активираат штом едниот опонент ќе покаже знаци на субмисивност; подвиткување опаш, повлекување уши на назад, лаење, дури и „штракање“ со заби – еден од овие знаци автоматски ја блокира агресивноста на посилниот пес! Никогаш не сум слушнал дека некоја борба меѓу шарпланинците завршила фатално, дури не знам ни за случај на потешка повреда. Овој биолошки систем детално го опишал нобеловецот Конрад Лоренц, во делото За агресивноста. Сите форми на „комбат борбите“, неспоредливо се побрутални и покрвави од која било борба меѓу два шарпланинци. За споредба, социјалната, културолошката и генерално, општествената функција на борбите со петли, опишана е во една од највлијателните антрополошки студии во која авторот Клифорд Гирц, врз примерот на организирани борби на петли на островот Бали, потврдува дека културите дејствуваат како ансамбли на ритуали што само во својата целина, овозможуваат да се разбере длабинската поврзаност на сите културни манифестации на кое било општество (Clifford Geertz:: “Deep Play: Notes on the Balinese Cockfight” -1972).

Во Македонија борбите на шарпланинците се дел од автохтоната културна традиција стара две илјади години, распространета меѓу сите етнички и верски колективитети, во семејствата што се занимавале со сточарството. Таа традиција практично е замрена со донесувањето на овој закон.

Некоректно е чесните сопственици на стада овци, сточарите, одгледувачите со регистрирани одгледувачници на шарпланинци, како и на службени и борбени раси, кои ја почитуваат донесената забрана, јавно да ги стигматизирате како криминалци и да им се заканувате со затвор, наместо криминалците да ги барате таму каде што сите граѓани ги гледаат! Очекував да го кренете својот глас пред ужасните видеоснимки од некои затвори и воени логори, на кои се гледа како службените кучиња се злоупотребуваат за тортура врз беспомошни човечки суштества, соблечени до гола кожа. Препорачана литература за оваа тема: Dr. Dieter Fleig:(1996) History of Fighting Dogs, T.F.H. New Jersey, USA; Dr. Carl Semencic: (1995) The World of Fighting Dogs,T.F.H. N.J.; В.Н. Зубко: (1995) Собаки гладиатории, „БиС“, Москва;

2. Стерилизација/кастрација. Сосема кратко, бидејќи на нешто толку очигледно не треба да се губи време: наведувате дека многу стручњаци, лекари, бихејвиористи тврдат дека „стерилизираните животни живеат подолго и поквалитетно (бре?), и дека кастрацијата не ја деформира нивната природа??“. Штом е така, на сите тие стручњаци, лекари бихејвиористи, од сѐ срце им препорачувам најпрво себе да се стерилизираат/кастрираат, за и тие да живеат подолг и поквалитетен живот без деформација на нивната природа! А од своја страна, јас ви тврдам дека не постои нормален лекар, стручњак, „бихејвиорист“ (?) толку неинформиран или толку глупав што без никаква резерва да тврди дека кастрирањето на кастрираното суштество му дава поквалитетен живот и дека не ја деформира неговата природа! Знаете ли дека кастрираните примероци воопшто не чуваат стадо ниту се борат против волците? Зошто? Затоа што им е сменета целата нивна природа од темел! Литература: за егзистенцијалната катастрофа што кастрирањето ја носи за секое суштество, доволно е да ги прочитате Писмата на Абелард до Елоиза, во кое било издание.

3. Забележавте дека зборувам за Шарените протести; тоа е затоа што го користам коректниот поим, наместо Шарената револуција, којшто е во оптек. Имено, во конкретниот случај, ниту по својата инспирација, ниту по начинот на дејствување, ниту по крајните цели, не може да се зборува за револуција. Разликите што постојат меѓу поимите „протести“ и „револуција“ се огромни, поголеми дури и кога мувите би ги споредувале со орлите.

Литература: Ферид Мухиќ: (2005) Доминација и Револуција, Аз-Буки, Скопје, стр. 280.

Не сум ги предложил, уште помалку пак сум ги гласал законите за кои толку многу ве интересира мојот приватен став, така што ви предлагам да им се обратите на тие што во тоа учествувале. Но морам да истакнам дека мојот став е втемелен не само врз обемната примарна литература, туку и врз нешто малку напишани студии и стручни прилози од подрачјето на кинологијата. За информација на нашата јавност, во текот на изминативе 47 години, по првиот стручен текст, Ферид Мухиќ објавил голем број прилози од кинологија во стручните кинолошки списанија на државите од некогашната Југославија, во Германија („Molosser Magazin”), во Италија („I cani pastori), во Франција („GEO”, најреномираното европско списание од ова подрачје); во „National Geographic”; Ферид Мухиќ е еден од учесниците во формулирањето на официјалниот стандард на Шарпланинецот, уште од 1968 година (Кралот на канидите е наслов на еден од неговите текстови); бил консултант на Кенел Клуб на САД, во период од цела деценија. Во досега единствената докторска дисертација на темата на Шарпланинецот, одбранета во градот Лион, Франција, Ферид Мухиќ бил коментор и стручен консултант.

Колку да расчистиме кој ги познава работите, а кои се тие што зборуваат во „недостиг од аргументи и знаење од оваа конкретна област“.

За оние што сериозно сакаат дополнително да се информираат за некое од овие прашања, оставам простор да им излезам во пресрет, под услов претходно да ја прочитаат посочената стручна и научна литература, со напомена дека располагам со над 400 книги од областа на кинологијата, што значи дека веројатно ќе можам да им одговорам на сите прашања кои толку ги мачат.

Оваа јавна дебата за мене е затворена.

Академик проф. д-р Ферид Мухиќ