Фаjненшл Тајмс за Катица Јанева: Камшик за македонската корумпирана елитa

0
1016

Во текстот под наслов „Жена воин од мало гратче ја тресе македонската елита“, престижниот „Фајненшл Тајмс“ ја опишува специјалната обвинителка како „камшик за македонската корумпирана елита и невообичаена икона на протестите за време на политичката криза“.

Лондонскиот весник пишува дека Јанева како специјален обвинител е фрлена во средиштето на вртлогот што ја зафати Македонија. Нејзината работа е да ги гони високите политички личности обвинети дека краделе избори и ги користеле разузнавачите служби за партиски цели.

„Постојано поддржувана од две офицерки – во зачудувачи контраст на политичката сцена во Македонија во која доминираат мажи – таа му пркоси на претседателот со покренување неколку нови истраги, пишува Фајненшел тајмс во сторијата за специјалната обвинителка.

Весникот открива дека на почетокот правните кругови гледале со недоверба кон непознатата обвинителка од Гевгелија, која низ смеење муабетела со репортерот на Фајненшал Тајмс и му ја открила нејзината љубов кон музичките ТВ емисии како што е „Икс фактор“.

„Но, многумина велат дека ја потцениле нејзината способност да стекне јавна поддршка. Пред едно кафуле во Скопје две тинејџерки притрчаа да и побараат автограм. Во оваа земја таа е како Бијонсе, рече едната“, забележува репортерот на Фајненшал Тајмс во својата приказна од Скопје. „Девојки од соништата“ е мојот омилен филм“, му кажала Јанева.

Весникот пишува дека откако ги објавила случаите „Титаник“ и „Тврдина“ таа се соочила со лични напади, институционална затвореност, а во средата клучен сведок бил застрелан во неговиот стан во Скопје.

Западен дипломат за Фајненшал Тајмс изјавил: „Претседателското предвремено помилување покажа дека Јанева станала опасна“.

„Знам како функционираат политичките партии, им го разбирам менталитетот и како работат. Верувам во себе и во мојата способност да си ја вршам работата“, изјавила Јанева и рекла дека смета оти „амнестијата нема правна основа и нејзиниот тим подготвува нови обвиненија за веќе помилуваните осомничени, за други кривични дела.

На обвинувањата на претседателот дека нејзиното обвинителство е злоупотребено за добивање политички поени таа одговара: „Не обрнувам внимание на тие забелешки. Си ја вршам својата работа“.

Текстот во превод на Нова, прочитајте го ОВДЕ