УЧИ СИНЕ ЗА ДА НЕ РАБОТИШ: Невработени се 33 доктори на науки и 866 магистри

0
1252

Скопје, 13 декември, 2018 – 9:59 (META)
Вкупно 33 доктори на науки се пријавени како невработени лица во Агенцијата за вработување, покажува последната статистика заклучно со месец октомври. Oва досега е најголемата бројка на невработени лица со оваа титула. Освен тоа, невработени се и 866 магистри на науки, како и безмалку 11.000 лица со завршено високо образование.

Најбројни се лицата од профилот магистер по правни работи, магистер по економски науки, магистер по фармација, магистер по политички науки, магистер од областа на финансии и финансово право, магистер по филолошки науки, магистер по меѓународни односи, магистер по науки во јавната администрација, магистер по европски студии за интеграција и комуникација, како и магистри на наука од други различни образовни профили односно области во кои лицата магистрирале.

Во 2008 година без работа биле 7 доктори на науки, во 2018 – 33 доктори на науки

Во 2008 година без работа биле 191 магистар, во 2018 – 866 магистри

Во 2008 година без работа биле 18.248 лица со високо образование, во 2018 – 10.952

Невработените доктори се доктори по педагогија, по социјални работи, доктори по политички науки, доктори по економски науки, доктори по филозофија како и доктори по филолошки науки.

На лицата со високи титули им се нуди работа преку различни програми за вработување, но, најчесто одбиваат бидејќи сметаат дека е понуденото не е соодветно за нивното образование.

Бројот на невработени лица со титули континуирано расте. Тоа е така затоа што високото образование низ годините стана подостапно, „паднаа“ критериумите при упис, а се зголеми проодноста на факултетите.