Утре во 12 часот Шарената револуција ќе го блокира влезот на Битола

0
901

Битолско движење, кое со повеќе герила акции се приклучи на Шарената револуција за утре во 12 часот најавува блокада на влезот на Битола од страната на Охрид. Повеќе информации од повикот за блокада објавен на Фејсбук:

Обичните протести, се исцрпија како метод, затоа што станаа обични и анемични прошетки. Континуитет заради континуитет, симболика заради симболика. За еден метод да биде ефективен, треба да се процени неговото политичко, социјално и економско влијание врз тие што ги носат одлуките. Врз локалната и централната власт. Односно, дали задаваме удари со нашите дејства или ги амортизираат и ги игнорира.

Блокадата на излез/влез на еден град, во зависност од нејзиното времетраење – парализира одреден дел од градот и покрај пренасочувањето на сообраќајот и е ефективен метод на борба.

Ќе речат дека револтираме невини луѓе, ги попречуваме нивните дневни обврски, задаваме штета на туризмот итн. Каде е нивниот револт кога умираат родилки со нивните бебиња? 61 мртво новороденче во првите три месеци од 2016 година. Каде беше нивниот револт кога почина Тамара? Каде е нивниот револт кога ќе слушнат дека некој нивни близок има респираторно заболување, како резултат на загадувањето? Каде е револтот, кога ќе слушнат дека некој/а другар/ка, си заминува во странство? Кој е лицемер? Ние што не се помируваме и си ги преземаме нашите животи во наши раце или тие што молчат и се соучесници преку нивната тишина?

Нема да дозволиме тивко и перверзно да ја цицаат нашата енергија и да го убиваат животот во нас! Ниту пак ќе дозволиме да нè заплашат со нивните информативни разговори. Стравот е за нив! Ние, сакаме да живееме. Овде. Достоинствено! И ќе се бориме за нашите животи!

Нема аболиција, за НИЕДЕН политичар!
Слобода за СИТЕ притворени демонстранти и отфрлање на СИТЕ обвинувања против демонстрантите!

Блокадата ќе се одржи и со 20-30 луѓе.

Збирно место: Дворното место на црквата Св. Аранѓел
Време: 12:00h.

Се гледаме!