Трифун Костовски: Ќе дејствуваме опозициски

0
1244

Засега не планираме да прераснеме во политички субјект кој ќе учествува на претстојните избори, но и тоа може да се случи ако оцениме дека тоа е во интерес на граѓаните, вели Трифун Костовски, кој најави ново граѓанско движење за Македонија Вели дека верува во граѓански концепт, во интервју за Утрински весник.

7D8B23EC9DFC9346BCE9AB553CA29330

Костовски: Центарот на нашето внимание е човекот, без разлика на неговата политичка, етничка и верска припадност. Човекот како најголем капитал на едно општество. Движењето ќе биде поставено на хоризонтална основа, отворено кон секоја индивидуа или група која и’ мисли добро на државата. Сакаме реално обединување на сиот потенцијал во земјата, кој би се залагал да запре процесот на дехуманизација во македонското општество. Сметам дека три елементи се најбитни за човекот: образованието, здравството, иднината. Во сите три сегменти денес го достигнуваме дното. Тоа мора да се измени. За првите два сегмента не треба да измислуваме „топла вода“. Треба да се пренесат позитивните искуства од развиениот свет и да се имплементираат во рамките во кои можеме да си дозволиме. За третиот сегмент, иднината на моите сограѓани, се разработуваат неколку концепти кои во моментот на нашето промовирање ќе бидат објавени. Големи се изгледите движењето да прерасне во фронт каде што ќе пристапат невладини организации и здруженија и, се разбира, граѓаните“вели Косовски.

Утрински: Можете ли да откриете имиња на некои од луѓето кои ќе Ви се придружат?

Костовски: Имињата ќе бидат познати во моментот кога заеднички ќе настапиме пред јавноста. Ќе има луѓе од сите бранши и тој список никогаш нема да биде затворен или конечен, туку напротив, ќе се стреми кон окрупнување.

Утрински: Планирате ли ова движење да прерасне во политички субјект кој би учествувал на престојните избори?

Костовски: Засега не. Нашата цел е да ги отрезниме политичките субјекти, да им дадеме сила и можности на граѓаните, да го свртиме вниманието кон човекот. Да укажеме на демократските вредности и човечките слободи. Да се престане со ваквото водење на државата, да се престане со поразителните резони и логики.

Наша цел е да дејствуваме во правец на примарните вредности за нашата држава и тие да влезат во партиските проекти и програми. Но, и независно од тоа, сакаме да понудиме алтернатива, визија, еден „коректив“ на политиките на власта, но и на постапките на опозицијата. Доколку наидеме на молк од најголемите политички чинители, секако дека постои можност да прераснеме во политички субјект кој би настапил на избори, доколку почувствуваме дека тоа е во интерес на граѓаните.

Утрински: На која целна група граѓани ќе и’ се обраќате како движење и постои ли опасност вашето дејствување да влијае на раслојување на опозициското јадро гласови?

Костовски-Наша цел е да се обратиме до секој граѓанин без разлика на неговата политичка, етничка и верска припадност. Ќе нудиме програма, идеи и решенија во интерес на сите граѓани. Во ниту еден момент не тргнуваме од лукративната претпоставка да одземеме нечии гласови. Не знам, поправете ме ако грешам! До кога политичките елити ќе ги толкуваат граѓаните како бројки. Дали партиите имаат ексклузивно право на „свои“ гласачи и дали сме тогаш навистина парламентарна и демократска држава? Дали граѓанинот не смее да прифати подобри идеи за сопствената иднина или мора по секоја цена да биде слеп, верен и лојален. И конечно, дали тој што и’ мисли добро на државата, но не се согласува во се’ со актуелната опозиција, нема право и треба однапред да се откаже од борбата против власта? Нашите истражувања говорат за огромно незадоволство кај граѓаните, преку 60 проценти, од двете политички партии. Би испратил и еден добронамерен совет до опозицијата. Јас не гледам дека најголем дел од нашите граѓани го разбираат или прифаќаат тоа што тие го говорат. Така, наместо да се излегува со паушални изјави дека појавувањето на нови субјекти води кон раслојување, треба малку повеќе да размислат што реално прават околу севкупното обединување на опозициски настроените граѓани. Ако сметаат дека треба да продолжат со настојувањето да одржат монопол на опозициското дејствување, тогаш што треба да ја преиспитаат таквата стратегија или размислување.

Утрински: Во 2004 година, слично како и сега, формиравте граѓанско движење – спроти референудумот за територијалната организација, кој, иако пропадна, беше навестување за смена на власта – две години подоцна. Какви ефекти очекувате овој пат да предизвика на политичката сцена новото движење?

Костовски: Нема равенство помеѓу Движењето за референдум за територијална организација и ова денес. Во 2004 година Движењето беше резултат на лошата територијална организација предложена од тогашната влада на СДСМ и ДУИ, чии последици и денес ги чувствуваме. Тука заврши оваа активност.

Денес прашањето е многу посериозно: иднината на државата. Ќе ја биде или не. Затоа очекувам секој поединец или субјект внимателно да ја простудира нашата визија и идни активности, и секако доколку државните интереси му се над партиските, да ни се приклучи. Очекуваме дека платформата, духот на соработка и обединување кој ќе го наметнеме, можностите за дебата ќе произведат подобра клима, една нова свест за предизвиците кои се пред нас. Со други зборови, очекуваме дека со нашето појавување и дејствување ќе отвори ме еден нов простор на слобода и разум, кој или е ограничен или е монополизиран.

Утрински: Сметате ли дека сега има простор за преструктурирање на македонската политичка сцена и за нови политички сили кои ќе ја нарушт долгогодишната доминација на СДСМ, а посебно на ВМРО-ДПМНЕ?

Костовски: Македонија, односно граѓаните пред се’, се заложници на неодговорните и деструктивни политики на власта. Но, ништо помалку се заложници на клиентелистичките логики кои двете партии ги наметнаа и понатаму ги наметнуваат. Доживуваме општа демократска рецесија и за тоа, на некој начин, одговорни сме сите ние, но најмногу оние кои решиле да ги партизираат и присвојат институциите, да ги присвојат идеите, да го купат човекот, да ги руинираат вредностите и политиката. Оттука, не е дека јас или мала група луѓе мислиме дека треба да се случи преструктурирање на политичката сцена, тоа пред се’ го мислат граѓаните, тоа го мисли секој здраворазумски човек. И не е прашање дали постои простор, ако чекаме на такво нешто, отидоа нашите животи. Постои потреба од суштински промени. Граѓанинот да биде во центарот на политичката понуда, приотитетите и интересите на граѓаните да бидат ставени над теснопартиските интереси и скриените договори на политичките елити. Каде граѓанинот е активен субјект, вклучен во општествените и политички процеси, а не само гласач. За такво ослободување говориме, и за тоа веруваме дека мораме да се избориме. Мислам дека и на ДПМНЕ им е јасно, а доколку не им е ќе им се разјасни – планираме да дејствуваме опозициски

Целото интервју со Костовски прочитајте го ОВДЕ.