ТИ: Одлуката на уставните судии за помилување е во спротивност со меѓународните стандарди

0
840

Транспаренси Интернешнел Македонија (ТИ) изразува загриженост поради Одлуката на Уставниот суд од 24.02.2016 година со која се врши интервенција во членот 1 од Законот за помилување и на тој начин му се овозможува на Претседателот на Република Македонија да помилува лица осудени, меѓу другото, и за кривични дела на корупција при гласање и избори, како и да спречи нивно кривично гонење.

„Борбата против корупцијата во Република Македонија оди бавно и тешко, што беше потврдено и во извештајот на експертската група предводена од Рајнхард Прибе, која утврди дека нашата земја се соочува со проблеми во оваа област. Во него меѓу другото се нагласува неопходноста од соодветно реагирање на нерегуларностите утврдени од меѓународните набљудувачи, вклучително на изборната корупција и на политичката инволвираниот во изборните манипулации.

Овој чин е во спротивност и со меѓународните стандарди, а посебно со препораките на ГРЕКО (Група на земји против корупцијата) да се обезбедат механизми за казнување на сторителите на кривични дела поврзани со корупција и изборни манипулации и да не дозволи простор сторителите да ги избегнат казните за она што го сториле.

Оттука е и одлуката на Уставниот суд да промени одредба со која на Претседателот на Република Македонија му овозможува арбитрарно да одлучува кој може да биде гонет, а кој не, или кој може да издржува казна, а кој не е спротивна на сите меѓународни стандарди и истата ќе преставува уназадување на сите процеси за воспоставување на владеење на правото и демократија и ќе ги уназади можностите исполнување на стандардите за влез во Европската Унија.

Транспаренси Интернешнел Македонија ги повикува институциите ги имаат во предвид добрите практики од регионот и Европа, каде овие кривични дела се изземени од законските рокови на застарување, а на претседателите на државите и владите им се оневозможува интервенција во водењето на постапките против лица за кои постојат сомневања за корупција“, стои во соопштението на ТИ.