Тито Петковски се сретна со шефот на ОБСЕ/ОДИХР: Не постојат елементарни услови за фер избори на 5 јуни!

0
941

Претседателот на НСДП Тито Петковски денеска на средба со шефот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР во Македонија, Јан Петерсен информираше дека за НСДП, како и за останатите опозициски партии, не постојат никакви елементарни претпоставки за одржување на фер и слободни избори на 5 јуни.

„Останаа нерешени проблемите со прочистувањето на избирачкиот список, владејачката партија целосно ги блокираше обидите за започнување на реформите во медиумите со цел да може да продолжи со нивната злоупотреба во пропагандни цели, сведочиме на дополнително злоупотребување на државниот апарат и ресурси за партиски цели на ВМРО-ДПМНЕ, односно целокупните државни капацитети се партиски подредени и инструментализирани, а анкетната комисијата во Собраниетo целосно не профункционира. Практично сите обврски кои ВМРО-ДПМНЕ ги презема со договорот од Прижино се целосно нереализирани“, истакна Петковски на средбата.

Петковски оцени дека со одлуката за аболиција донесена од страна на Иванов се изврши темелно минирање на договорот од Пржино.

„Со аболицијата се покажаа две работи. Прво, обид на владејачката партија да изврши суспендирање на работата на СЈО, и второ, се призна криминалот за кој лидерот и најтесното партиско раководство на ВМРО-ДПМНЕ се осомничени дека го сториле“, рече Петковски.

Петковски го информираше Петерсен за постојаното укажување на НСДП дека со криминалци политички преговори се невозможни и дека не смее да се оди на избори без претходно утврдување на одговорност на сите лица кои претходно учествувале во организирање и спроведување на фалсификувани избори.

„Целокупната активност на владејачката партија е насочена кон оневозможување на правдата, поткопување на правната држава и одржување на уште едни криминални избори“, рече Петковски.