Талат во Земјата на чудата

0
932

Јас, пак, сум склон да мислам дека, ако не се исполнат сите други елементи од договорот во Пржино кои треба да гарантираат дека изборите во април 2016 г. нема, повторно, да бидат во режија на подземјето кое сега владее со државата – избори во април нема да има. Да, да, така мене ми се чини.

saso-ordanovski-540x329

Има една легендарна реплика во едно стрипче уште од југословенските времиња – да ме отепате не можам да се сетам за кој стрип стануваше збор, ќе мора да го препрашам другар ми Мирко! – во која еден од ликовите, уапсен заради фалсификување пари, му вели на судијата (овде цитирам, по сеќавање, во српски оригинал): „И тако се, друже судија, испоставило да је држава штампала исти новац као и ја!“

Ингениозно. Отприлика со таа правна лефтерност е смислено најновото трикче на ДПМНЕ и ДУИ со „мртвородениот“ закон на Џафери и Мукоски: во затвор ќе одат оние кои поседуваат докази за криминалите правени против нив, а тие што ги правеле криминалите ќе добијат дипломатски пасоши за да можат без чекање во ред за пасошка и царинска контрола да ги посетат островите на кои им се регистрирани приватните фирми кон кои е одлеан значаен дел од македонскиот БДП, плус апанажата без која, сироти, не можат од-први-до-први да си ги преранат семејствата.

Навистина, кога им се може, зошто – „друже судија“ – тие да бидат виновни што поседуваат по една смена во тарапааната каде државата ги печати нашите пари?!

ВО СВЕТОТ НА МИКИ МАУС

Единствената вест во целата оваа правно-политичка екскурзија на Џафери и Мукоски е што „операцијата“ се распадна за нецели 24 часа од нејзиното лансирање во јавноста. Таман Џафери се загреа и почна да влегува во политичка форма, доживеа „клизачи“ заради кој со носила мораа да го извадат од терен. Штета, а имаше таков „експертски“ потенцијал во целата приказна, да си се растегнува како тесто за посна пита по владините медиумски тролови барем едно три-четири недели! Целата работа се одви со таква брзина што вообичаените провладини порпагандни трубадури дури и не стигнаа да натнат нешто за да се појават пред камери, а г. Џафери јавно се избрука ем што неочекувано го поднесе, ем што очекувано го повлече сопствениот предлог-закон. Изненаден сум, бидејќи тој во ДУИ, сепак, не е случаен човек каков што е Мукоски во ДПМНЕ – ништо лично, во ова ДПМНЕ само-два-тројца не се случајни, другите е сеедно дали се прибрани од улица или, пак, и двајцата прадедовци им биле војводи – за да мислиме дека Џафери, од немајкаде, го привеле од некој собраниски ходник да тури потпис на предлог на закон што можеби и не го прочитал. Напротив, од енергијата и упорноста, на граница на безобразлук, со која тој јавно 5-6 часа го бранеше предлогот, човек навистина да помисли дека се точни приказните оти до сега објавените материјали од страна на опозицијата се само врвот од „сантата мраз“ на аудио и видео сведоштвата за македонскиот морално-политички распад на оваа власт. Па, нели Али Ахмети до завчера го храбреше Заев да објави сé што има во посед за него и за другите функционери од ДУИ? Толку ли се потресоа од процесот пред Обласниот суд во Њујорк, што сега им требаат специјални домашни закони за да ја заштитат својата „приватност“ не од тие со кои со години ручаат и вечераат на иста софра и кои и нив 24/7 ги снимале, туку од оние кои се вистинските долгогодишни жртви на еден дегенериран, репресивен режим на фамилијата.

Ако ја следите правната мики-маус логика на двоецот Мукоски/Џафери, доколку поседувате снимки од ВАШИТЕ прислушувани телефонски разговори и друг вид на докази за следењето на ВАШИТЕ електронски комуникации и другите ВАШИ животни активности, можете да бидете уапсени и осудени на долгогодишна робија. Така, не само што ја губите можноста, со доказите што ги поседувате, во догледна иднина да поведете приватен судски спор за кривична и материјална одговорност на оние кои незаконски ве прислушувале и ве следеле, туку ТИЕ по татковинава и по светот ќе си се шетаат како слободни граѓани, а ВИЕ ќе бидете осуден на казна затвор затоа што ТИЕ ВАС ве прислушувале и ве следеле, за што ВИЕ поседувате докази. Дури, предвиделе Мукоски/Џафери, ако предизвикате не-знам-какви последици по НИВНОТО здравје со тоа што ги имате доказите за НИВНИТЕ злоупотреби во свои раце, ВИЕ би можеле да „заглавите“ и десетина и повеќе години зад решетки. Хмммм… Од правен аспект погледнато, ова е необично безобразна инверзија на правдата. Всушност, човек речиси да помисли дека е можеби поедноставно, чисто правно, да земете и да го утепате тој што ве прислушувал и ве следел – мислам, за тоа, со сите оправдани олеснителни околности (афект, непресметливост, испровоцираност, мешање на малолетни членови од вашето семејство во валканиците и тн.) веројатно ќе ве осудат на 7-8 години затвор, плус ќе ве пуштат дома за 3-4 години, поради добро владеење. Така, во секој случај, затворски „поевтино“ ќе поминете; додуша, за тоа дали е избран најдобриот начин за задоволување на правдата може да се разговара; но, на државата бездруго повеќе ќе ѝ се исплати затворски да издржува некого 7-8 години за убиство, одошто 10 и повеќе години за чување на противзаконски материјали кои докажуваат тешки облици на криминал сторени против тој што, ете, ги поседува материјалите.

Што би се рекло, и волкот сит и овците на број – минус една овца, таа што сте ја утепале.

ПРОМЕНА НА ВАРИЈАБИЛИТЕ

Македонија е влезена во политички процес кој е како тунел: светлото на крајот од тунелот не е воз којшто ни доаѓа во пресрет, туку е зракот на слободата што треба да ги огрее најголемиот број граѓани на оваа држава некаде во првата половина на идната година. Можеби сега слободата на многумина им звучи како апстрактен поим, особено во споредба со важноста на полниот стомак, но таа „апстракција“ ќе огрее, без разлика на временските услови во Библискава Земја. При тоа, гледам, има и една заблуда, еден фаталистички пристап којшто го споделуваат и луѓе од структурите на сегашниот режим, а и оние кои не се дел од него: имено, дека на закажаните избори следниот април ќе се оди по секоја цена. Јас, пак, сум склон да мислам дека, ако не се исполнат сите други елементи од договорот во Пржино кои треба да гарантираат дека тие избори нема, повторно, да бидат во режија на подземјето кое сега владее со државата – избори во април нема да има. Да, да, така мене ми се чини. Ќе си се одложат изборите сé додека не се стекнат услови тие, навистина, да бидат фер и демократски, па макар полноќните заседавања на преговарачиве да продолжат до првите пролетни дождови идната година. Што не значи дека, паралелно, другите „запршки“ од договорот од Пржино нема да функционираат, како што е работата на Специјалното обвинителство и „техничката“ влада која стапува на сцената за некој месец. Нивната работа, додуша, може да го проретчи персоналниот состав на некоја од преговарачките страни, ама – имено – со тоа ќе се гарантира поголем квалитет на договорените вонредни избори.

Со други зборови, „независната варијабла“ во македонскиот политички процес започнат со „бомбардирањето“ со „Вистината за Македонија“ не е повеќе дека избори во април 2016 г. по секоја цена ќе има, а за исходот отом-потом; туку сега „независната варијабла“ е дека Груевски секако си заминува, а за методологијата на тој процес – отом-потом, ако е потребно!

Кому ова не му е јасно, тој можеби седи на истата клупа, „друже судија“, на која ќе се суди за тоа дали државата смеела да печати „исти новац као и ја“.

Сашо Орданоски

(Колумната е објавена во „Слободен печат“)