СЈО: Oсомничениот началник во УБК Горан Грујоски и во куќен притвор може непречено да влијае на сведоците!

0
1670

Oсомничениот началник во УБК Горан Грујоски може непречено да влијае на сведоците затоа што Кривичниот совет само му забранил да го напушта домот каде што се спроведува мерката куќен притвор, но не му ја ограничил комуникацијата, велат од Специјалното јавно обвинителство за Сакамдакажам. 

Како што пренесува порталот, ако се имаат предвид „личните, семејните и материјалните прилики на осомничениот“ на кои се повикува Советот во своето решение за куќен притвор, во СЈО коментираат дека токму материјалните прилики на началникот во УБК му овозможуваат ако сака да си купи и неколку мобилни телефони со софистицирана техника, па дури и сателитски телефон кој потешко се следи и со нив може да одржува врска со евентуални сведоци и да влијае на нив.

„Токму затоа СЈО тврди дека тоа што началникот веќе не е на работно место, не е доволна гаранција дека нема да врши притисоци врз неговите соработници и да се договара со нив, дури и со тие што се осомничени во истиот предмет“, пренесува порталот.

За Горан Грујоски , СЈО побара мерка притвор токму за да осигура тој да не може да влијае на сведоци. Судија на претходна постапка му изрече мерка притвор, но Кривичниот совет ја ублажи мерката со куќен притвор.