СЈО побарало, Талески денеска не дошол да даде исказ за „Транспортер“

0
1046

Битолскиот градоначалник, Владимир Талески, обвинет во случајот „Транспортер“, денеска требало, но не се појавил на распит во Специјалното јавно обвинителство. Имено, уште во петокот минатата недела, СЈО побарало од Кривичниот суд во Скопје, градоначалникот да биде спроведен од својот дом во Битола, каде издржува куќен притвор, во просториите на СЈО за да даде исказ, велат за „Мета“ од ова обвинителство.

Како што ни потврди портпаролката на СЈО, обвинителката Ленче Ристоска, тие во петокот побарале од Кривичниот суд, како надлежен за спроведувањето на мерката куќен притвор, да испрати налог до битолската полиција за Талески денеска да биде донесен во Специјалното обвинителство.

– Осомничениот, иако денеска требаше да дојде и да даде исказ, не се појави. Поради ова побаравме информација од судот, од каде бевме известени дека судијата на претходна постапка уште во петокот по електронски пат и по пошта го испратил решението до полицијата во Битола – вели Ристоска.

Откако Талески не се појавил, од СЈО побарале објаснување и од битолската полиција, но оттаму, според Ристоска, рекле дека досега такво решение од судот воопшто не стигнало до нив.

Од СЈО велат дека „преку ургенции“ прават напори во некои од наредните денови тој да дојде и да даде исказ.

Инаку, куќниот притвор на Талески, според Ристоска, му истекува на 21 јули, а засега од СЈО не можат да кажат дали ќе побараат негово продолжување.

– Ние сакавме прво да го сослушаме осомничениот, односно прво да даде исказ, па потоа да се произнесеме пред судот за продолжување на притворот, бидејќи во меѓувреме можеби имало промени во околностите и во ситуацијата. Но, до 21 јули ние секако ќе излеземе со наш став околу продолжувањето на мерката – вели Ристоска.

Специјалното јавно обвинителство ги товари Талески и уште 22 лица за злоупотреби со превозот на ученици во Битола, тешки 360.000 евра, во случајот „Транспортер“.

Извор: Мета