СЈО: Груевски и Јанакиески лично го нарачале уривањето на „Космос“ и направиле штета од околу 15 милиони евра!

0
1410

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) денеска отвори нов случај, наречен „ТНТ“, кој се однесува на уривањето на објектот „Космос“ во сопственост на Фијат Цаноски. Како што изјави обвинителката Фатиме Фетаи, уривањето без сомневање било направено по налог на поранешениот премиер и на поранешниот министер за транспорт и врски, заедно со актуелен градоначалник на Општина Гази Баба и со инспекторка за урбанизам во оваа Општина.

Поради аболицијата од претседателот на држвата, Ѓорге Иванов, против поранешниот премиер, Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски не е поведена постапка. Првоосомничена во случајот е градежната инспекторка во Општина Гази Баба, заедно со уште три лица.

Фетаи рече дека аболираните политичари најгрубо и со умисла, од одмазднички прични, затоа што некој имал поинаква политичка определба, нанеле голема финасиска штета со уривање на станбено-деловен комплекс, сопственост на Фијат Цаноски.

– Се работи за добро организирана криминална спрега помеѓу централната и локална власт. Тогашниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ и министерот за транспорт и врски, кои на 12 април 2016 година се помилувани, со заедничка цел – да му се одмздат на оштетниот Фијат Цаноски за неговата одлука со која ПЕИ ја напуштила политичката коалиција со владејачката партија и склучила коалиција со СДСМ – со својата политичка моќ, смислено и со умисла го урнале овој објект. Тие му наложиле на градоначалникот на Општина Гази Баба, исто така помилуван, да ја злоупотреби својата положба и да најде начин да го сруши „Космос“. Градоначалникот го прифатил ваквиот налог и ја повикал првоосомничената, градажен инспектор во Општина Гази Баба, и ѝ кажал дека од врвот на партијата му сугерирале да се најде начин да се урне објектот – рече Фетаи.

Таа посочи дека од прибавените материјални докази, обвинителството утврдило дека инспекторката направила записник во кој стои дека објектот на Цаноски е за еден метар и 40 сантиметри повисок од дозволеното, иако не постоеле услови да се спроведе мерење на височината на објектот, односно не постоела изградена улица и тротоар, кои фактички би биле појдовна кота за мерењето. Ова го потврдило и вештачењето на Архитектонскиот факултет, но и покрај тоа инспекторката подготвила и решение за уривање на објектот.

Иако уривањето на комплексот „Космос“, како што рече Фетаи, требало да го изврши фирмата „Трансмет“, која имала склучено договор со Општината, по налог на Јанакиески, преку незаконски спроведена постапка за јавна набавка, била избрана фирмата „3М изведба“, која не ги исполнувала условите, односно не била регистрирана за уривање градби и немала лиценца за користење на експлозиви.

Штетата што осомничените ја предизвикале со рушењето на „Космос“, како што соопшти обвинителката Фетаи, изнесува околу 15 милиони евра.

На почетокот на прес-конференцијата, Фетаи упати порака дека „никој нема да се спаси од правдата“.