Судот ги одби жалбите на СЈО за мерките за претпазливост за Груевски, Јанакиески и Трајковски

0
1208

Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корпција при Основен суд Скопје 1  –  Скопје донесе решение со кое се одбиваат жалбите на СЈО за мерките за бившиот премиер Никола Груевски, екс министерот Миле Јанакиески  и градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски, опфатени во предметот „ТНТ“.

СЈО бараше мерки за претпазливост за тројцата осомничени во „ТНТ“, но судија на претходна постапка со решение од 10 јуни не им определи вакви мерки. Потоа СЈО испрати жалби, но сега од судот велат тие се одбиваат како неосновани, а се потврдува претходното решение на судијата.

„Против решението на Кривичниот совет не е дозволена жалба“, соопштуваат од Основен суд Скопје 1 – Скопје.

Инаку, Груевски во судот беше повикан да даде исказ откако СЈО ги предложи мерките за претпазливност. Според бишиот премиер, она што го прави СЈО е нешто од што ќе се срамат многумина. Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ рече дека не се чувстува виновен и уверуваше дека нема намера да замине од земјата. Односно, рече тој, ниту ќе го стори тоа, ниту тоа е вистина, ниту некому ќе ја исполни таа желба.

Во случајот „ТНТ“, СЈО го сомничи екс премиерот и екс министерот дека го поттикнале градоначалникот на Гази Баба да го сруши комплексот „Космос”, сопственост на Фијат Цаноски, претседател на Партијата за Европска Иднина (ПЕИ). Во „ТНТ“, меѓу другите, осомничена е и градежната инспекторка од Гази Баба, Елисавета Најдовска. За неа јавните обвинителките од СЈО рекоа дека била ангажирана од Трајковски за да се направи незаконско мерење и нерегуларно решение со кое се наредува отстранување на објектот, дека наводно се градел незаконски.