Сугарески: Собранието одамна не ја контролира извршната власт

0
969

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Горан Сугарески денеска на прес-конференција ги отфрли обвинувањата за неучеството на седницата посветена на пратенички прашања посочувајќи дека Собранието одамна престанало да ја остварува својата уставна надлежност за контрола на извршната власт.

– Собранието не ја контролира Владата. Собранието ги исполнува желбите на врвот на ВМРО-ДПМНЕ, рече Сугарески, потсетувајќи дека не учествуваат во работата на Собранието очекувајќи ја одлуката за уставноста на Специјалното јавно обвинителство.

Праша чии интереси штити Уставниот суд со, како што кажа, „ваквиот молк“. – Уставниот суд мора да одлучи за уставноста на СЈО затоа што тоа е и во интерес на граѓаните, оштетните и обвинетите, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ.

Одговарајќи на новинарски прашања, Сугарески рече дека нивното барање за брзи регуларни избори останува, како и тоа дека за одржување предвремени парламентарни избори за нив е прифатлив и ноември.

– Но, мора да се исполнат минимум три услови, а тоа е изјаснување на Уставниот суд по законот за СЈО, барањата за Избирачкиот список и реформата во медиумите. Ако тоа се случи за една недела, во рок од десет дена одма нека се договори датум и нека се формира техничката Влада, која ќе треба да спроведе избори, рече Сугарески.

Според координаторот на пратеничката група на СДСМ, вчера отпочнале нови преговори меѓу политичките партии потписници на Пржинскиот договор.

– Начелно се покажува некаква конструктивност околу Избирачкиот список. Се надеваме дека може во рок една недела да се затвори тоа прашање и реформите во медиумите, и пред се, одлуката на Уставниот суд за СЈО, рече Сугарески додавајќи дека СДСМ има одредени сомневања дека летово ќе се направи обид за укинување на Законот за Специјалното обвинителство.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ исто така кажа дека поддржуваат прекројување на изборните единици каде е надминат или бројот на гласачи е под законскиот цензус.