Струмица со 100 евра ќе го субвенционира приклучокот на гасоводната мрежа

0
1206

Советот на Општина Струмица на денешната седница донесе одлука за субвенционирање на дел од надоместокот за приклучување на дистрибутивниот гасоводен систем. Според одлуката, ќе се субвенционираат 50 приклучоци со по 100 евра.

– Ако во периодот пред нас поминеме повеќе од 50 приклучоци ќе настапиме повторно пред Советот да не ги дискриминираме граѓаните и да продолжи трендот на намалување на цената. Сега приклучокот, со одлуката од страна на Советот, ќе биде 500 евра, тоа е големо олеснување за граѓаните, имајќи предвид дека во овој момент инвестирање во гасоводната мрежа е значителен издаток за секое семејство кое што уште во текот на грејната сезона им се враќа како инвестиција, проблемот е како да се соберат сите тие пари и да се направи приклучок на гасоводната мрежа, рече во своето излагање градоначалникот на Струмица, Зоран Заев.

Според него, намалувањето на цената на гасот за 35 проценти ќе го направи овој енергенс атрактивен за граѓаните, а очекува и поголеми заштеди од неговото користење.

Заев појасни дека одлуката за субвенционирање е донесена како резултат на извештајот на ЈП „Струмица гас“ која со тендерска постапка набавила поевтини приклучоци кои од 700, сега изнесувале 600 евра, вклучително и на намаленото чинење на изведба на гасоводната мрежа.

Според надлежните досега во Струмица се направени 250 приклучоци на гасоводната мрежа на станбени и деловни објекти, пред се на општинските институции.

Претходно советот со одлука, субвенционираше по 140 евра на 115 приклучоци, со најава овој тренд да продолжи согласно порстот на очекуваните заштеди за греење.