Стево Пендаровски: Непријатна историска вистина е дека во Македонија молкот е традиција

0
1040

Почитувани, немам дилема дека ефектите од молчењето на интелектуалците по здравјето на општеството се поголеми од молчењето на „обичните“ луѓе. Се разбира, не заради нивниот посебен генетски материјал, туку поради знаењата кои ги поседуваат, тие, едноставно, мораат да бидат поодговорни од другите.

На почетокот ќе биде нужно да ги поставам рамките на мојата појдовна теза за да избегнеме погрешни интерпретации: не ми се блиски тезите дека интелектуалците треба да ги предводат револуциите или дека имаат посебна задача во такви историски периоди (Маркс, Лукач), уште помалку ставот на Грамши за “доминација на интелектуалците” во турбулентни времиња. Многу поблизок ми е Токвил со неговиот поим за егзистирање на “различни видови интелектуалци” од кои сите и не мора да се јавно ангажирани, иако последниве, за жал, не носат позитивни промени.

Веројатно не е далеку од вистината дека во 20-от век се случи “самракот на интелектуалците”, дека се поретко сведочиме за појавата на гиганти, како Расел или Сартр. За жал, со дигиталната револуција добивме “егалитаризација” или попрецизно кажано,“банализација на интелектуалците”. Овде, должам брза и лапидарна динстинкција меѓу експертите и интелектуалците: првите, најчесто  редат голи факти нудејќи механички рецепти за наводно решавање на проблемите, вториве, чувствувајќи се слободни од центрите на моќ имаат храброст да ја “соопштуваат вистината”. Но, иако не се толку влијателни како во минатиот век и се, практично, истиснати од морето на тн. инстант експерти за се, сепак, нивниот молк и почесто, нивното калкулирање со молкот, според мене е – морално недозволено.

А сега – дома. Непријатна историска вистина е дека во Република Македонија молкот е традиција. Ноторен факт е дека нашата земја немаше ниту еден дисидент во комунизмот. Овде, чинам дека не сите ја препознаваме границата: дисиденти не се оние што критикувале аспекти или поединци на режимот, ниту припадниците на различните фракции во битката за превласт во рамките на Комунистичката партија, а, такви – имало, туку оние кои се залагале за поинаков идеолошки и политички систем, а такви – не сме имале. Неверојатно, но вистинито, дури и лидерите во дијаспората (и Македонци и Албанци!) кои инаку, безмалку, сите живееле на западот, барале обединување врз етничка основа, но, не барале замена на социјализмот. Поинаку кажано, биле гласни додека барале нови граници, а, молчеле за новите вредности, кои, и во тоа е нивниот парадокс, ако ги немало во нивните резервни држави, тие таму воопшто не би биле прифатени.

Додека се обидувам да ги дефинирам нашите состојби, прва асоцијација ми е квалификацијата на Чомски изречена пред половина век за неговата земја и народ, во познатиот есеј “За одговорноста на интелектуалците”. Неговата фраза од 1967-та за “културата на подаништво” на интелектуалците кон власта е неверојатно прецизен опис и на “македонцките работи”. Ако може барем малку да ни олесни, еве и еден свеж компаративен пример: најголемиот дел од арапските интелектуалци не ја поддржаа Арапската пролет и не ги предводеа протестите, затоа што преферираа како “етаблирани интелектуалци”да ја продолжат колаборацијата со нивните  деспоти.

Генерално, во Македонија постојат две големи групи на интелектуалци, плус, еден редок ендемски вид каде што најчесто припаѓаат толку малку луѓе што не можат заеднички да одиграат партија табланет. Имено, во првите две групи се интелектуалците кои се закачени за својата партиска опција и кои се рутински гласни кога нивните се во опозиција, а во остатокот од времето – молчат. Прстите од едната рака ви се доволни да ги наброите оние кои отворено или барем премолчено се почитувани и кај двете страни, иако, за жал е јасно дека без поширока општествена прифатливост, вашите идеи и ставови патуваат на кратки дистанци или остануваат во истиот круг.

Денес, посебно сакам да се реферирам на варијантите на злосторот на молчење кои, прилично интересно, се “извршуваат” со – зборување! Во првата група се луѓето кои зборуваат само за успесите на власта, со целосен молк за “постигнувањата” на диктатурата. Вториот вид се фокусира на техничките или маргиналните, свесно молчејќи за магистралните проблеми. Во третиот вид спаѓаат познатите“релативизатори” кои ги изедначуваат двете страни, велејќи на пр. дека проблеми во медиумите сме имале и порано, а независно судство не сме имале никогаш. Со тоа, свесно молчат за целосно инсталираниот автократски систем, а траги на автократија сме имале, но, автократски систем – никогаш, од 1990-та до денес. Една илустрација за последново: притисокот на режимот e толку силен, и патем, образот на режимските интелектуалцие толку црн, што и после се што чувме и видовме, нема ниту еден пребег на интелектуалец кој предходно јадел на дворот, а, јавно да се откажал од диктатурата. Конечно, во последната група се “политикофобичните” кои бегаат од политиката и партиите како божем валкана работа и на тој начин бегаат и од дебата, што значи, молчат за генераторот на проблемите, имено, политиката на владеачките партии.

Молчењето во Македонија се прошири буквално низ целиот организам, така што денес е етаблирано и јасно видливо дури и преку тн. секторски молк: за Скопје 2014 молчат најголемиот дел од архитектите, за спортските сали во места без водовод и канализација молчат спортистите, за бесрамно скапиот златен театар молчат режисерите и артистите, за срамната ревизија на историјата молчат историчарите, за експериментите во образованието и здравството молчат учителите и лекарите, за насилството врз пратениците молчеа нивните колеги пратеници во истиот парламентарен дом!

Посебен проблем за дефинирање, во контекст на нашава тема е молчењето до пред самиот крај на режимот. Дилемата е: дали тие луѓе сториле злостор со нивното свесно молчење кое траело со години, а кое, (повторно свесно!) го прекинале кога бил извесен расплетот? Според мене – да! Дали треба да бидат прифатени назад, во демократскиот камп, како ништо да не се случило? Од респект кон круцијалното демократско начело за инклузивност не можете да кажете – не, но, принципите на моралот нив нужно ги ставаат во категоријата на безрбетници кои во историјата биле презрени од сите, дури и од владетелите на кои им служеле.

Почитувани, несомнено, тн. крај на историјата не ја избриша потребата од ангажман на интелектуалците. Денес, веројатно, постои дури и поголема потреба за излегување од тесните рамки на нечија специјалност и вложување напори за промислување, се разбира и на јавна сцена, на неколку нови глобални општествени феномени од кои некои ги инспирираат луѓето, а, некои не заплашуваат сите нас. Меѓутоа, да сме на чисто: ние во Македонија немаме проблем со некаков нов феномен, напротив: марширањето кон диктатура и угнетување на луѓето е постаро и од најстарите политички заедници на човекот.Одговорот кон диктатурата, исто така, е одамна познат: вистината и гласноста ги урива, молкот ги оддржува и рециклира.

При тоа, изборот и одговорноста се секогаш индивидуални; таков е и печатот кој историјата го удира врз нашето поведение. Инаку, срамот и црнилата од личниот молкостануваат засекогаш. Нив не може да ги обои ниту една “Шарена револуција”.

Стево Пендаровски

(излагање на третиот настан на Tribunus Civilis – Злосторството на молчењето)