Според официјалните биографии на владата: САМО ДВАЈЦА МИНИСТРИ ИМААТ ЖЕНИ

0
2116

Доколку сакате да ги разгледате биографиите на нашите заменици на претседателот и на министрите на официјалната интернет страница на Влада на Репулика Македонија, ќе се изненадите од приватните податоци кои што се објавени за нив. Имено, според биографиите, излегува дека единствени кои што се оженети од владата се само министерот за здравство Никола Тодоров, кој што го навел податокот и дека има еден син (иако има два сина, Марко и Калин),  министерот без ресор Фуркан Чако и претседателот на владата, Емил Димитриев, кој што  има две деца. Покрај нив, околу семејната состојба, единствено во биографијата на министерот без ресор Веле Самак се спомнува дека живее со ќерката во Скопје. Втората сопруга, Бојана Ацева Андонова, со која што тој се венча пред три години, намерно или не, е изоставена. Изоставени се сопругите и сопрузите и децата на сите останати помеѓу кои и Владимир Пешевски, Никола Попоски, Елизабета Канческа Милевска, Михаил Цветков, Дритон Кучи, Бил Павлески… Но затоа пак, биографиите на министрите изобилуваат со податоци за нивното образование, за претходните работни искуства, познавање на јазици и останати квалификации. Според ова, може единствено да се заклучи дека нашите министри или сакаат да го чуваат приватниот живот и семејниот статус подалеку од очите на јавноста, или пак сметаат дека во биографиите примарни се нивните професионални успеси, додека семејството е нешто секундарно кое што не треба да се спомнува.

За разлика од нашите актуелни политичари, познатите светски лидери со гордост ги споделуваат семејните статуси со нивниот народ. Така на пример, на официјалната страница на владата на САД, покрај биографиите на претседателот Барак Обама и министрите, објавена е и биографијата на првата дама, Мишел Обама. Ист е случајот и со Русија, на чија што официјална страница на владата се обајвени биографите на нејзините членови, со податоци за нивната семејна состојба, односно дали се во брак и колку деца имаат. И германската влада ги има истакнато семејните податоци на својата официјална страница за акуелните министри. Дури и Турција ги има споделено податоците за брачната состојба на своите министри и колку деца има секој од нив. Чести се и интервјуата во познати светски списанија во кои што светските политички лидери отворено зборат за својот брак, за децата, за љубовта која што ги одржува, а неретко споделуваат и фотографии од семејните албуми со јавноста.

И додека целиот свет е информиран за тоа каде летувал некој светски лидер, како изгледаат нивните сопруги и деца, кај нас брачните партнери на политичарите и фотографиите од нивните семејни албуми се чуваат во тајност. Онаа народната ,,Успехот на мажот се мери според насмевката на неговата жена,, кај нас како да паѓа во вода, бидејќи јавноста не само што не може да им ги види сопругите на повеќето наши политичари, туку дури и не може да дознае дали тие воопшто ги имаат, доколку побара информации на официјалната владина страна на интернет.

Вики Клинчарова ФОКУС линк ОВДЕ