Со традиционален марш одбележана 74-годишнината од Февруарскиот поход

0
1120

Над 200 планинари од повеќе градови во земјава денеска учествуваа на традиционалниот марш во чест на 74 -годишнината од февруарскиот поход или Богомилската епопеја на македонските борци од Народноослободителната војна. Маршот го организира прилепскиот Сојуз на борци во соработка со локалната самоуправа.

Според Славе Кромидоски од прилепското планинарско друштво „Јане Сандански“, кое годинава го предводеше маршот, ова е децениска традиција по врвиците на Февруарскиот поход и потсетување на издржливоста на македонските борци.

– Повеќе од 200 планинари од целата држава, од Прилеп, Битола, Неготино, Кавадарци, Скопје, Велес, Кичево, Демир Хисар и од други градови учествуваа на маршот во должина од 18 километри. Изутрината тргнавме од пред Меморијалниот музеј „11 Октомври“ ( Участакот“) од центарот на Прилеп, потоа се пешачеше преку месностите Шаторов камен, Петрови ниви, Камената фигура „Момата“ , кон „Домаќински чешми“ се до манастирот „Св.Димитрија“ во селото Селце. Патеката не беше многу тешка, но е важно сите, особено младите генерции, да се запознаат со традициите од Народноослободителната борба и да ги потсетиме на Богомилската епопеја, кога повеќе од нашите предци ги дадоа животите за денешната слобода на Македонија, рече Кромидоски.

За Круме Соколоски, претседател на прилепскиот Сузој на борци ова е достоинствено одбележување на големата епопеја, зашто со Февруарскиот поход три оперативни групи на македонската народноослободителна војска ја оствариле целта – раздвижување на Народното востание во 1944 година.

– Едната оперативна група се движела кон Источна Македонија, другата кон Велешко, Азот, па до Порече, а третата оперативна група, составена од Втората македонска народноослободителна бригаада, тргнала кон Мариовско и Демир Капија. Февруарскиот поход траеше речиси два месеца: од декември 1943 до крајот на февруари 1944 година и целта е остварена – масовно се формираат баталјони и партизански одреди. Во тој поход, македонските партизани покажаа голем патриотизам, издржливост во сурови и студени услови, гладни и боси. Прилеп – градот херој, достоинствено го одбележува овој најзначаен настан за НОБ и за борбата против ропството, изјави Соколоски.

Претседателот на републичкиот одбор на Сојузот на борците на Македонија, Никола Стојаноски, нагласи дека главната цел на сите борци е остварена – создавање сопствена држава.

– ВО 1944 година омасовено е партизанското движење, бројна е македонската народна војска, а остварен е сонот – создавањето сопствена држава Македонија, како вековен стремеж на народот и преку Крушевската република па до НОБ и револуцијата за да се изгради демократско општество, а Македонија и официјално да биде дел од европската современа заедница, рече Стојаноски.

Тој напомена дека полека се средува прашањето со простории за оваа организација која од Владата доби ветување за простории во Домот на АРМ во Скопје.

февруарски поход прилеп

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски со сесрдна поддрка за зачувувањето на традициите зашто тоа е, вели, и патоказ за новите генерации.

– Ова е патоказ за новите генерации како треба да се грижат за татковината и како новите генерации да создаваат услови за развој на општеството и на својата професија, рече Јованоски.

Тој најави в година голема организација и активности за одбележување на јубилејот- 75 години од Февруарскиот поход.

Учесниците на маршот во манастирот „Св.Димитрија“ кај прилепското село Селце  седнаа на заедничка посна трпеза.