Пролетта е период во годината кој не ослободува од сите зимски товари, па приоритет ни е да ги исфрлиме тешките оброци и намирниците кои се дел од нив. Она што секогаш му одговара на организмот се намирниците полни со хранливи состојки, минерали и антиоксиданси – совршени за будење од „зимскиот сон“.
Прочитајте на следните страници кои намирници ќе ве „разбудат“, ќе ве наполнат со енергија, ќе го забрзаат вашиот метаболизам и ќе ви помогнат да се ослободите од масните наслаги насобрани во текот на зимата.
Јагоди
Јагодите се одличен извор на растителни влакна и на витамин Ц. Влакната ќе ве држат сити долго време, а само 49-те калории, колку што има во една шолја јагоди, сигурно нема да ја загрозат вашата линија. Едно поново истражување докажало дека оние кои јадат осум грама повеќе влакна губат половина килограм на 1.000 внесени калории. Бидејќи спаѓаат во овошје кое е меѓу најбогатите со витамин Ц, а тоа помага не само во детоксикацијата, туку и во совладувањето на пролетниот замор.
Зелена салата
Зелената салата е полна со вода која ви помага побргу да се заситите, па ако ја изедете пред главното јадење, ќе ги намалите порциите со главниот оброк, и на тој начин ќе гои спречите дебелеењето, но и ќе го поттикнете слабеењето. Таа содржи мал број на калории заради што е одличен избор и за лесна вечера.
Млад кромид
Тој е вистинска енергетска бомба и треба да се најде во вашето мени. Содржи витамини од Б групата и витамин Ц, железо, калциум и калиум. Благодарение на антиоксидансот кверцетин, ги ублажува симптомите на сезонските алергии. Освен тоа, младиот кромид е богат извор на фитохемикалии, особено флавоноиди, кои можат да го подобрат имунитетот. Флавоноидите дејствуваат и превентивно – го спречуваат настанувањето на ракот со отстранување на ензимот кој произведува слободни радикали.
Аспарагус
Аспарагусот е чудесен кога станува збор за слабеењето. Едно стапче аспарагус содржи само 4 калории, а претставува одличен извор на влакна, витамин К, Б, Ц, А и фолна киселина. Зелената боја му ја должи на хлорофилот кој е познат „чистач“ на црниот дроб и крвта. Го снижува крвниот притисок и холестеролот, помага во превенција од остеопороза, срцеви болести, рак на дебелото црево и белите дробови, ги ублажува тегобите во ПМС и го ослободува организмот од вишокот на вода.
Млад спанаќ
Младиот спанаќ за разлика од обичниот има поблаг вкус и е помалку жилав. Изобилува со витамин К кој поволно дејствува врз коските, а богат е и со витамин Ц, содржи калиум, фолна киселина, магнезиум и железо. Како и аспарагусот, зелената боја му ја должи на хлорофилот кој е важен за детоксикацијата. Богат е и со целулоза па благотворно дејствува врз желудникот и го олеснува процесот на варење. Дополнителна предност му е ниската калоричност, затоа што во 100 грама има само околу 25 калории.
Блитва
Овој лековит зеленчук содржи минерали, диетални влакна, витамини од групата Б, Ц, К и бета-каротен. Енергетската вредност на блитвата е ниска, заради што е одлична намирница доколку сте на диета. Таа е одличен лек против висок притисок, а го спречува и разорувањето на коскените клетки кај болести како остеопорозата.
Репка
Овој зеленчук содржи калиум, влакна и витамини Б3, Б6 и Ц, како и бета-каротен, а има и антиоксидативно дејство. Исто така, таа е богат извор на железо, магнезиум, калциум и цинк, заради што е одлична намирница за пролетна детоксикација на организмот. Репката влијае и врз здравјето на жолчната кеса и црниот дроб – органи кои се клучни за елиминација на токсините.
Ротквици
Ротквиците се богати со влакна, витамин Ц, фолна киселина и калиум, а содржат многу малку калории заради што се одлични за пролетно чистење на организмот. На варењето најдобро влијаат кога се јадат свежи и сирови, па јадете ги како салата или грицкајте додека гледате телевизија, и на тој начин забрзајте го својот метаболизам.
Артичока
Оваа медитеранска билка покрај изобилството на влакна, содржи и многу протеини, што претставуваат уште едно соединение кое долго ќе ве држи сити. Една артичока содржи само 60 калории. Меѓутоа, во неа има и високо ниво на натриум, па внимавајте да не додавате многу сол. Таа содржи антиоксиданс кој се користи за лекување на оштетувањата на црниот дроб, затоа што го стимулира протокот на жолч кој пак му помага на организмот побрзо да ги свари маснотиите, а добриот проток на жолч го штити организмот од потенцијално штетни супстанции кои се наоѓаат во мрсната храна.
Глуварче
Оваа намирница е неправедно запоставена во нашата исхрана, затоа што е богата со нутриенти кои се основа за секоја здрава исхрана, а е широко распространета и лесно достапна. Во исхраната најмногу се користи листот од глуварче, кој делува и диуретички, односно, го поттикнува излачувањето на течности и го забрзува метаболизмот, што е особено важно кај диетите. Коренот на оваа билка е исто така лековит и потпомага во чистењето на крвта од токсини. Заради бројните нутритивно вредни фитохемикалии што ги содржи, листовите од глуварче се препорачуваат во исхраната на трудниците и на жените во постменопауза, најдобро во форма на салата. Салата од глуварче се прави од сосема млади листови кои се набрани далеку од загадените подрачја и тое, секако, пред цветање на билката.