Советот на јавни обвинители утре ќе решава за предлозите на Јанева

0
848

katica

Советот на јавни обвинители за утре, 14 октомври, ја закажа седницата на која неговите членови ќе решаваат околу изборот на тимот што ќе ѝ помага на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, во решавањето на наводите што произлегуваат од незаконското прислушување, јавува „Мета“.

На дневен ред на седницата ќе бидат две точки, односно членовите на Советот ќе го разгледуваат општиот работен, персонален и финансиски план на Специјалното јавно обвинителство, како и изборот на јавни обвинители од листата што Јанева ја достави пред Советот, со имињата на 14 обвинители.

Денеска, во заедничка изјава, од Европската унија (ЕУ) и од Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во земјава, порачаа дека „од суштинска важност е Советот на јавни обвинители да ја изврши својата улога во согласност со законот за водење истраги за прислушуваните комуникации и да го именува тимот на госпоѓа Јанева, за да може нејзиното обвинителство да почне да го извршува својот мандат и своите задачи, независно и без да трпи каков било облик на политички притисок“.

Покрај екипирањето на тимот на Јанева, истекуваат и крајните рокови за обезбедување на финансиите за работа на Специјалното јавно обвинителство, во согласност со плановите што специјалната обвинителка минатата недела ги достави до Собранието, Владата и до Советот на јавни обвинители.

Според законот за Специјалното обвинителство, следниот понеделник (19 октомври) е последниот рок до кога Владата „е обрзана да обезбеди финансиски средства за непречена работа на Јавното обвинителство“ во согласност со општиот работен, персонален и финансов план поднесен до Владата и до Советот на јавни обвинители.

До понеделник и Министерството за правда треба да обезбеди „комплетни просторни услови“ за работа на Специјалното обвинителство.

Инаку, викендов дел од медиумите го објавија работниот план на Катица Јанева, според кој таа бара повеќе од еден милион евра за Специјалното обвинителство за до крајот на оваа година.