Случај ТОРТУРА: На Сашо Мијалков на глава му виси затвор од три до осум години!

0
1506

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, е првоосомничениот во случајот „Тортура“, бидејќи ги организирал и ги навел останатите шестмина осомничени, инаку припадници на полициската едница „Алфа“, на нечовечки и брутален начин да го уапсат лидерот на партијата Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, еден ден по изборите во 2011 година.

Апсењето на Бошкоски, во кој полицајците ги надминале своите овластувања за да му удоволат на својот наредбодавач, денеска на прес-конференцијата во СЈО, го образложи, обвинителката Фатиме Фетаи.

Обвинителството не побарало одредување на мерката притвор за првоосомничениот бидејќи било проценето дека нема основи за тоа и дека нема опасност тој да ја напушти земјата. За останатите шестмина осомничени побарана е „мерка на претпазливост“ која предвидува нивните надредни во МВР да водат сметка дали и какви задачи ќе добијат.

Таа, за да ја долови бруталноста на полицајците, јавно го пренесе речникот, навредите и пцостите со кои му се обраќале на Бошкоски, при апсењето на паркингот пред ресторанот „Воденица“.

„Овде, врз основа на прибраните докази произлезе основано сомнение дека сите инволвирани, освен се разбира оштетениот, биле живо заинтересирани целокупната јавност да ја види бескруполозноста на дел од полициските сили – алфи, во изведување на апсење на политички противник на партијата на власт, и која во тој период раководи со полицијата. Тоа во кривично – правниот речник се нарекува едноставно – Тортура. Таквото поведение е казниво по сите меѓународни стандарди. Kазниво е и според Кривичниот Законик на Република Македонија, директно со членот 142 од КЗ и членот 3 од Европската конвенција за човековите права“, рече Фетаи во образложението на случајот.

Еве како гласи член 142(Мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување) од Крвичниот законик:

(1) Тој што во вршењето на службата, како и тој што наведен од службено лице или врз основа на негова согласност, ќе употреби сила, закана иди друго недопуштено средство или недопуштен начин со намера да изнуди признание или некоја друга изјава од обвинетиот, сведокот, вештакот или друго лице, или ќе предизвика кај друг тешко телесно или душевно страдање за да го казни за кривично дело што го сторило или за што е осомничен тој или друго лице, или за да го заплаши или да го присили на откажување од некое негово право, или ќе предизвика такво страдање поради каков било облик на дискриминација, ќе се казни со затвор од три до осум години.

(2) Ако поради делото од став 1 настапи тешка телесна повреда или други особено тешки последици за оштетениот, сторителот ќе се казни со затвор
најмалку четири години.

Членот 3(Забрана на мачење) од Европската конвенција за човековите права гласи:

Никој не смее да биде подложен на мачење, нечовечко или понижувачко постапување или казнување.

Прес конференцијата може да ја погледнете ОВДЕ