Словорум со поетите Танос Гогос од Грција и Марија Дејановиќ од Хрватска во Струмица

0
2464

Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ во петок, 11 октомври 2019 година, во пријатниот амбиент на коктел бар South side со почеток во 19:30 часот, организира Балканско поетско читање и разговор [Словорум] со поетите Танос Гогос од Грција и Марија Дејановиќ (Хрватска). Разговорот ќе го води и модерира Митко Гогов.

Секојдневно сме сведоци на огромната книжевна продукција и во овие брзи времиња навистина е важно да бидеме во тек со современите пристапи во литературата, односно поезијата. Танос Гогос и Марија Дејановиќ се пример за тоа како патувањата, флексибилноста, адаптацијата во различни простори, номадството, ослободувањето од наметнатите стандарди и норми во општеството можат да бидат круцијален елемент, инспирација за творење, преиспитување на познатите светогледи и аспекти на животот, но истовремено и откривање на пространства кои дополнително не мотивираат за истражување. Токму затоа „Словорум“ има за цел да направи простор за словото кое доаѓа од различна дирекција и има за цел да облагороди онаму каде што се слуша и да продолжи понатаму во насока полезна како за постоењето на мислата сама по себе, но и на зборот, речта и делото како патоказ кон правото поетско реализирање.

            Танос Гогос (Thanos Gogos) доаѓа од Лариса, Грција каде е роден 1985 година. Тој е уредник на списанието за книжевност Трака (Thraka).
„Предно игралиште“ (Frontier Playground) е неговата прва збирка песни, издадена во 2013 година во Грција и во Глазгов во 2014 година. (Farfoulas Publishing, Thraka Publishing).

            Марија Дејановиќ (Marija Dejanović ) е родена во Приједор, Република Српска (Босна и Херцеговина) во 1992 година, а своето детство го има поминато во Сисак, додека сега живее и работи во Загреб, Хрватска. Студирала компаративна литература и педагогија на Филозофскиот факултет во Загреб. Има објавувано песни, есеи и литературни прегледи во разни списанија (Poezija, Tema, Quorum, Forum, Republika, Zarez, Fantom slobode, Riječi и сл.), во зборници и на интернет портали во регионот. Нејзините песни се преведени на англиски, романски, словенечки, грчки и италијански јазик.

Учествувала на меѓународни поетски фестивали во Хрватска, Словенија, Италија и Грција. Во 2018 година ги објавува книгите Етика на леб и коњ (Наградата „Горан“ за млади поети и Квириновата награда за млади поети) и „Središnji god“ (Награда Здравко Пуцак).  Заедно со Сара Ренар и Ведран Петернел учествува во музичко-поетските проекти: „U privremenom smještaju kod ljudi“ и „Poplava“.

Ова е прво од гостувањата на меѓународни автори предвидени со проектот „Словорум“ кои треба да се претстават пред струмичката публика. До крајот на месецот „Контекст – Струмица“ ќе ја претстави творечката работа и граѓанскиот активизмот со помош на жеското писмо на поетесата Дорит Вајсман од Израел.