Државната комисија за спречување на корупција отвора нови предмети за судир на интереси при вработување на роднини на функционери. На денешната седница се разгледуваа случаи на непотизам од сегашната, но и за време на претходната власт. Меѓу точките на дневен ред се роднини и ќерки на судии, како и сопруги на поранешни и сегашни функционери.
Списокот е проширен за 42 нови имиња. На листата е Кристина Божиновска, сопруга на поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски вработена во АЕК, Љубе Јанушев, татко на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен директор на ЈСП, Игор Јанушев, како и за неговата сестра Верица Јанушева вработена во МВР. Потоа, за братучедите и вујкото на пратеникот Антонијо Милошоски.
Меѓу оние за кои ќе биде отворена постапка се и роднини на актуелни пратенци од владејачкото мнозинство. Против ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“, Азис Полижани, ќе биде поведена прекршочна постапка бидејќи се уште не доставил анкетен лист за имотната состојба.
Извор : Фокус