Се потрошија и образите

0
1103

или

Народен гнев (12)

31.

Се разбира дека никој не може некому да му ја забрани личната перцепција на нештата, дури и на овие историски кај нас случувања, па и на „проблемот“ на домашните квислинзи. (Иако тука и не гледам некаков реален проблем, но тоа е мој проблем!). Секој, согласно личните мотиви и разбирања на моралот (пред сѐ друго), ќе ја толкува клиентелистичката позиција (инаку сосема јасна) на многумина во македонската култура и нивната улога во легитимирањето на режимот и злосторствата (овој пат говорам за културните злосторства) на бандата. Претпоставувам дека на крај памет не му е некому да им држи лекции на поединци, сериозно навлезени во возрасни години но сепак со пубертетски „дилеми“, за должноста на интелектуалецот, за неговата (не)морална димензија и слично. Секој со своето, што би рекле!

Но, деновиве кај еднa ФБ пријателка се појави краткиот напис (со фотографија) насловен „Премиерот Груевски ја презентира својата книга пред академиците“, објавен во Утрински весник, на 5 ноември 2007 година! И повторно ни го враќа во сеќавањата тој срамен миг на поклонување на званично најпаметната македонска институција пред првата книга на еден премиер! Можеби и некој од овие кои сега умуваат биле на промоцијата, дури и чекале во редот за потпис, со посвета? Или, ако овој настан им е премногу стресен, можат да се потсетат на неодамнешните случувања во „златниот театар“ и доделувањата на премиеровите награди на видни книжевници. И лигавењата на некои од нашиве „заслужни“? Можеби некои од овие кои сега умуваат биле „на лице место“? И сега тоа ги глочка како кол?

32.

Но, да речеме дека ни тоа не е битно. На многумина им требаше цела една деценија да видат каде им се наоѓа денес земјата, што всушност се случувало низ овие десет години „преродба“, а „бомбите“ на опозицијата ги освестија со кого си имале работа. И од кого чекале потпис, со посвета. Или можеби уште не им е јасно?

Како и да е, проблемот со нашиве квислинзи не е ни мал, ниту е беззначаен. Но не е мал, ниту е беззначаен ни народниот гнев упатен кон нив! Ниту пак на преостанатата академска заедница, колку и да е мала. А не се мали богами ни парите поарчени за повеќегодишните аздисувања на клиентиве кои, сега, треба да добијат пардон зашто биле нешто многу заслужни! Иако, како што потенцира Геровски, „Па кој им забранил на Милчо, на Венко, на Влатко и на другите да дојдат на барикадите? Кој ги оспорува нивните дела? Кој му забранил на Милчо да направи еден спот за протестите? Кој му забранил на Венко да говори против режимот, а на Влатко да ни отсвири една бунтовна песна?“! И зошто воопшто им се потребни дрвени адвокати? И зошто дрвените адвокати мислат дека треба да ги бранат или не дај боже спасуваат од револтот на колегите, но и народот? Или навистина мислат дека и овде, и овој пат, треба да функционира онаа христијанската за другиот образ? И до кога? Нели веќе се потрошија и образите низ оваа мрачна деценија?

Или, ако баш сакате, многу почесно и поотворено беше епохалното демонстрирање на дел од режимските „културњаци“ против опозицијата, соќеманињата и тарабуки по скопските улици, отколку одглумената незаинтересираност или божемна неутралност, ама со двете раце во златното грне!

33.

Дрвените адвокати, дури и неповикани, ќе беа во право ако македонскава клиентелистичка интелигенција покажеше макар мала, минорна желба за пресврт, макар скромна подготвеност барем да замолчи и искрено да се приклучи кон народниот гнев. Дури и фингирано, да не речам лажно, дури и да одглуми. Па луѓе божји, среде најжестоките протести, оној дојде дури од Кентербери да ни држи предавања за балканските стереотипи! А зошто не за стереотипите во балканските диктатури, кога веќе студентите маршираа низ скопските улици!? Е сега, учеството во „Шарената револуција“ не се хонорира и можеби (и) тоа е еден од проблемите за нивното апстинирање.

Оттука, можеби арчиме премногу зборови и време за „шака јада“, за луѓе кои тоа не го заслужуваат и кои одамна одбрале страна. Не мислам дека тоа е страната на злото, зашто нив такви страни не можат да ги привлечат, едноставно не ги интересираат. Тие немаат такви мерки, уште помалку имаат осет за моралната димензија на професијата, на постоењето. Единствената мерка е мерката на парите, а ова сенародно движење тоа (се’ уште) не го нуди. И прашање е дали во блиска иднина ќе може да го понуди. А кога ќе може – без гајле, тие ќе бидат тука, ќе се вратат како што и заминаа, како ништо да не се случило. И, за жал, ние ќе ги прифатиме, повторно ќе им го свртиме и другиот образ. А тие пак ќе плукаат! Зашто ние не сме Норвежани па топтан да им ги вратиме книгите, филмовите, песните … А „гусларите“ (авторство Фрчкоски) ќе гуслаат – онака споро, здодевно, нервирачки, баш по црногорски – тоа им е работа. А ќе се види и за која цена!

(Преземено од Теодосиевски уметност)