Се крчка ли нова техничка Влада?

0
1178

Дека четирите политички партии преговараат како да ја извадат Македонија од политичката криза, не е тајна. Аналитичарите толкуваат дека е неверојатно да се очекува дека оваа старо-нова Влада на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ е излезот од состојбата. Иако нема никаква потврда, сепак за политичките аналитичари, останувањето на опозицијата во Парламентот, не толку жестоките нивни настапи во Собранието само ги засилуваат сомнежите дека сепак зад јавната сцена нешто се преговара.

(Не)официјално договор помеѓу четирите политички партии нема. Но, доброупатени партиски извори, за порталот „Фактор“ велат дека нема да бидат изненадени доколку за две недели се изгласа нова широка влада. Наводно, според информациите едно од барањата на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски била министерството за внатрешни работи да биде дадено на нивната партија, како еден вид условна гаранција дека нема да бидат апсени од евентуалните акции на СЈО, а за возврат би се согласиле со поништување на одлуката за аболиција. Непотврдените информации на „Фактор“ говорат дека во преговорите за широка Влада, камен на сопнување било токму МВР, така што не е исклучена можноста вo евентуалната широка Влада, министерската позиција на МВР да биде доделена на непартиски кадар или на лице кое би го предлoжил меѓународниот фактор.

Доколку се случи широка Влада, тогаш во нејзе место би барале и помалите парламентарни партии, но и невладите организации. Впрочем, едно од барањата на граѓанското движење „Протестирам“ е задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата.