Селмани: Ако Груевски е сигурен дека народот го поддржува, зошто толку страв од тимот на Специјалната обвинителка?

0
1297

Преседателот на Здружението на новинари Насер Селмани, на Фејсбук реагира на пораката што премиерот Никола Груевски ја упати по вчерашната изјава на највлијателните амбасадорите во земјава.

„Прво, договорот од Пржино не го потпиша македонскиот народ, туку лидерите на четири политички партии и претставниците на САД и ЕУ. Второ, политичката криза во Македонија не ја предизвика македонскиот народ, туку политичките партии, а ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија има најголема одговорност за тоа. Трето, реформите во една земја не ги спроведува народот, туку владата, на чие чело е Груевски. Ако тој не сака да спроведе реформи нека си оди, во ВМРО-ДПМНЕ има доста луѓе коишто знаат да спроведат реформи. Четврто, Груевски многу милува да зборува за народот ама заборава да каже за кој народ мисли, македонски народ е широк поим. Еве неколку податоци за да му покажеме на Груевски што мисли македонски народ, ако под македонски народ ги смета и сите етнички заедници во Македонија, а не само етничките Македонци“, пишува Селмани.

Тој наведува дека на последните избори во 2014 година гласале околу 1.100 000 избирачи, или 63 отсто од вкупно запишани избирачи, а  ВМРО-ДПМНЕ на тие избори освоила околу 480 илјади гласови, што е 43 отсто од граѓаните што гласале или околу 26 отсто од вкупниот број на избирачи.

„Груевски не може да зборува за македонски народ, затоа што само 26 отсто од тoј македонски народ гласал за неговата коалиција.
Овие бројки се релевантни под претпоставка дека последните избори биле фер и демократски, а не беа. Па да немаше проблеми со тие избори веројатно немаше да има политичка криза и Груевски немаше да прифати да потпише договор со опозицијата и да оди на предвремени избори“, пишува Селамни.

Ако Груевски е толку сигурен дека мнозинството граѓани го поддржуваат, додава Селмани, зошто толку отпор околу комплетирањето на тимот на специјалниот обвинител, или можеби се плаши дека пред избори обвинителот може да го изненади со некое обвинение против него и неговите пајташи.

„Или ако толку народот го сака, зошто толку отпор за ингеренциите на идниот министер за внатрешни работи. Или можеби се плаши дека просториите на МВР повеќе нема да можат да бидат партиски штаб на ВМРО-ДПМНЕ или нема да можат партиски активисти да бараат експерти од МВР да отворат вреќи со гласачки ливчиња. Друже, твојата песна е испеана, сега не знаеме само што цена треба да платиме како граѓани и држава за твоето заминување во историјата. Се однесуваш нерационално, од нас направи заложници, а најголеми заложници ги направи членовите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ. Убеден сум дека нема да си олесниш на себе ако не заглавиш уште повеќе нас. Сакам да верувам дека во ВМРО-ДПМНЕ има идеалисти коишто нема да дозволат еден човек заглавен во криминал да ја вовлече земјата во провалија“, пишува претседателот на ЗНМ.