Седум препораки од ЕУ за политичките лидери во Македонија

0
1071

Седум препораки за обновување на дијалогот и преговорите сугерирани од еврокомесарот Јоханес Хан, амбасадорот на ЕУ Аиво Орав, пред велигденските празници им ги пренел на лидерите на четирите партии-потписнички на Договорот од Пржино, пишува Дојче веле.

Партиите не соопштуваат кои се тие седум препораки, но според дипломатски извори, во основа станува збор за „реафирмирање на пораките што комесарот ги испратил непосредно по претседателската одлука за аболиција на политичари и нивни соработници, но и за некои други одлуки кои во меѓувреме ја отежнале ситуацијата“.

Според тоа, извесно е дека официјален Брисел и натаму бара повлекување на одлуката за аболиција, обновување на дијалогот, пречистен Избирачки список, реформа на медиумите, а не е исклучено дека на списокот се и други препораки, како што е враќањето на надлежностите на министерот за внатрешни работи, односно поништување на одлуката со која тие се одземени.

До денес ниту една од партиите не презела иницијатива за одржување заедничка средба на која ќе се договорат чекори за излез од сегашното статус-кво. Единствено ДУИ, која самоиницијативно си презеде неформална посредничка улога, упати повик до македонските политички партии да прифатат компромис, за да ја извлечат државата од криза.

Сепак, и покрај јавните пораки од ДУИ за постигнување компромис, од друга страна, партијата испраќа поинакви сигнали околу нејзините вистински чекори и намери.

Имено, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ се единствените партии кои пред неколку дена до ДИК доставиле предлози за членови во Избирачките одбори во дипломатско -конзуларните претставништва (ДКП). Такви предлози не испратиле СДСМ и ДПА. Тоа значи дека ДУИ се подготвува за избори, што е сосема спротивно од она што Ахмети го изјави во интервју за австрискиот „Стандард“, запрашан за изборите закажани на 5-ти јуни.

Од ДУИ избегнуваат директен одговор на прашањата за ваквиот двоен аршин што го промовира партијата. Портпаролот Бујар Османи вели дека ДУИ ги поддржува континуираните напори на меѓународната заедница за наоѓање заедничко решение.

За одлуката околу (не)одржливоста на избори на 5-ти јуни во услови на неисполнети услови, остануваат само уште седум дена, бидејќи според роковникот на ДИК, листите на кандидати за пратеници треба да се достават најдоцна до 11 мај. Тие се последните денови во кои партиите треба да најдат решение. Во услови на голема поларизација меѓу нив, и натаму сите погледи и очекување се насочени кон помош од Брисел.