Севилја ја одбрани Лига Европа и се пласира во ЛШ

0
1303

Фудбалерите на Севилја ја одбранија титулата во Лига Европа и изборија пласман во Лигата на шампионите во наредната сезона. Севилја со победата над Дњипро од 3:2 ја освои четвртата титула во ова натпреварување со што стана единствениот клуб кој четири пати победувал во поранешниот Куп на УЕФА и во Лига Европа.

imkedff

Вистински херој на екипата од Андалузија, на стадионот во Варшава, беше Колумбиецот Карлос Бака кој постигна два гола и му асистираше на соиграчот Кришовјак за првиот гол.

Двата тима одиграа совршено прво и помалку резервирано второ полувреме во Варшава. Започна со голот на Калиниќ во седмата минута по центаршутот на Матеус.

Севилја по примениот гол изврши сериозен притисок кон голот на противникот и нејзините фудбалери направија пресврт. Во интервал од три минути најпрвин Бака му асистираше на Кришовјак, а потоа Бака на асистенција на Рејес погоди за 2-1.

Во финишот на првото полувреме Ротан од слободен удар го совлада Рико и израмни на 2-2.

Претпазливо играа тимовите во второто полувреме чекајќи грешка на противникот, а мечот го реши Бака во 73 минута. Одбраната на Дњипро конфузно реагираше пред својот гол, топката стигна до Витоло кој само ја продолжи до Колумбиецот, а тој рутински го совлада Бојку.

До крајот на мечот Дњипро не успеа да изврши посериозен притисок кон противничкиот гол, а во 86 минута на стадионот се случи вистинска драма кога Матеус се сруши на теренот, за среќа медицинската екипа реагираше веднаш и Бразилецот веднаш беше префрлен во болница.