СДСМ: Никој нема да биде амнестиран за ново противзаконско задолжување на граѓаните

0
1163

Опозицискиот СДСМ денеска повторно ги повика сите раководни лица кои се инволвирани во издавањето на еврообврзницата, по досегашната постапка, да ја преиспитаат својата одлука, бидејќи никој нема да биде амнестиран за своите постапки во евентуалното ново противзаконско задолжување на граѓаните.

„Груевски и неговите послушници очигледно немаат намера да се откажат од извршувањето на најголемото финансиско злосторство и со глава во ѕид се обидуваат да им натоварат нов незаконски долг од 650 милиони евра на граѓаните и идните генерации. Од јули 2014 година до денес ова е трет пат Груевски да ги задолжува граѓаните со еврообврзница. При секое издавање, образложението е дека средствата ќе се користат во наредните две до три години“, соопшти СДСМ.

Според партијата, Груевски и Миноски повторно лажат, бидејќи со ребалансот на Буџетот во ставката Депозити, не планираат да пренесат средства во 2017 година.
„Со издавањето на еврообврзница со веќе започнатата процедура ги кршат Законот за Влада, Законот за јавен долг, Законот за буџет и Кривичниот законик на РМ. Еврообврзницата не се издава за исплата на плати, пензии, субвенции и социјални трансфери“, се додава во соопштението.

Партијата ги уверува граѓаните дека можат да бидат спокојни бидејќи за редовните трансфери средства има и ќе има. За тоа се обезбедени пари од Буџетот, дури и без негов ребаланс, а овие 650 милиони евра, на товар на граѓаните, според СДСМ, ѝ се потребни на власта за криминалните проекти, од коишто корист има само Никола Груевски и за предизборна корупција.
„За доброто на граѓаните, Владата и Министерството за финансии треба транспарентно да ја објават состојбата на државната каса и да признаат дека нема потреба од толкаво задолжување. СДСМ не е против обезбедување средства на меѓународните финансиски пазари. Но, само до износ реално потребен и во транспарентна постапка согласно важечките закони“, порачува опозициската партија.