СДСМ на Јанева ѝ доставил 540.646 аудио фајлови

0
863

На 30 декември 2015 година политичката партија СДСМ на Специјалното јавно обивинителство му доставила еден хард диск и шест кутии со транскрипти во печатена форма кои што по приемот се сместени во сигурносни сефови кои ги исполнуваат безбедносните стандарди за чување на ваков вид на материјали, се наведува во првиот извештај на специјалната обвинителка Катица Јанева што е објавен утрово.

„На 11.01.2016 година донесов Одлука за формирање на комисија составена од јавни обвинители во ова Јавно обвинителство за попис на примените материјали. Со одлуката го определив начинот за евидентирање на материјалите, како и рокот за завршување на пописот кој беше заклучно до 29.01.2016 година. Но, сепак, имајќи го предвид огромниот број и обем на доставени материјали и тековните обврски на јавните обвинители, откако бев информирана за истото од страна на пописната комисија, донесов нова одлука со која првично утврдениот рок го продолжив до 11.03.2016 година. По завршувањето со пописот од страна на Комисијата е дека на екстерниот хард диск се содржани вкупно 546.948 од кои 540.646 се аудио фајлови и 6.302 фајлови се со различен формат (word, excel, PDF и други)“, се вели во документот испратен до медиумите.

Во печатена форма доставени се вкупно 23 спирално укоричени книги со вкупно 18.155 страници, на кои се содржани вкупно 119.088 транскрипти од разговори и СМС пораки. Доставени се и вкупно 1.828  листови со испечатен текст кои не беа нумерирани, а кои Комисијата ги нумерираше со бројки од 1 до 1.828.

Од страна на комисијата за констатираната состојба е изготвен Записник на 619 страни, во кој детално се евидентирани примените материјали.

„По завршување на процесот на евидентирање на материјалите, формирав Комисија за преслушување на материјалите. Воедно воспоставени се интерни постапки за евидентирање на процесот на преслушување на материјалите, како и постапки за издвојување на разговорите кои се исклучиво од приватна природа, а во насока на почитување на приватноста на лицата кои се опфатени со таквите разговори. Оваа комисија својата работа ја започна на крајот на извештајниот период и статистички податоци за обемот на преслушаните материјали ќе биде доставен во наредниот шестмесечен извештај“, се вели во извештајот.

Подолу во текстот Јанева информира и дека испратила барање за доставување на предмети со цел да се произнесе за стварната надлежност на ова Јавно обвинителство.

„Би укажала дека ваквите предмети не се предадени на ова Јавно обвинителство, за што следи подетално објаснување во натамошниот текст на извештајот. Ова е особено значајно и од аспект на целосна реализација на општиот работен план и персоналниот план, бидејќи при процената за предметите кои е потребно да се преземат се земаат предвид и бројот на обвинителите кои ми помагаат, како и бројот на вработени лица“, се наведува во извештајот.

Истражните постапки и предистражните постапки се во тек, а се анализираат и сите материјали што се доставени во електронска и во хартиена форма.