СДСМ: Иванов потврди дека не само што е неспособен туку е и непресметлив

0
1234

Со денешното обраќање, лицето Ѓорѓе Иванов потврди дека не само што е неспособен туку е непресметлив и опасен додека ја врши функцијата Претседател на државата, оценува СДСМ во реакцијата по говорот на претседателот.

„Во состојба на длабока политичка криза, кога улиците се преплавени со луѓе кои бараат правда и слобода преку достоинствени протести, Иванов се закани со можност за употреба на Армијата и со нов државен удар против граѓаните и Македонија. Во сопствениот хаос во кој се наоѓа Иванов, срамната и незаконска одлука за аболиција што ја донесе, а потоа самиот ја повлече, повторно неуспешно се обиде да ја оправда. Додека Иванов говори за терористички организации и за странски центри на моќ, свесно ја занемарува постоечката опасност на Македонија на која ѝ слугува, а тоа е криминалната структура на власт“, стои во реакцијата.

СДСМ оцени дека Иванов, наместо во име на сите граѓани, како што би требало да доликува на претседател на една држава, настапил во служба на криминалната „фамилија“ што ја владееше Македонија во изминатите 10 години.

„Откако не успеа во обидот со аболиција да ја спаси од одговорност, во денешното обраќање Иванов се обиде да го наруши статусот, правната поставеност и работата на Специјалното јавно обвинителство и да отвори простор на друг начин правдата да биде спречена. По денешниот говор, сите оние кои во Собранието гласаа против импичментот за Иванов вечно ќе го носат товарот на срамот што ѝ го нанесоа на Македонија. Единствената правилна одлука што во неговиот тажен, катастрофален мандат може да ја направи Иванов е да поднесе оставка и да замине од функцијата што ја девалвираше до максимум и ја доведе до апсурд“, стои во реакцијата на СДСМ.