СДСМ: Граѓаните ќе контролираат за што се трошат нивните пари!

0
983

„Граѓаните ќе имаат целосна контрола во трошењето на нивните пари, што преку даноците и другите давачки се слеваат во Буџетот!

За ова граѓаните гласаа и така мора да работи и ќе работи новата Влада.

Ниту еден денар од Буџетот на Република Македонија нема да се троши своеволно и тајно, како што тоа до денес го прави Владата во заминување.

Ќе има целосна транспарентност околу начинот и целта на трошењето на парите на граѓаните, а не како, на пример, вчерашното задолжување што го направи министерот за финансии во заминување Кирил Миноски. Граѓаните знаат дека доспеале за плаќање обврски од 15 милиони евра, но не знаат зошто Миноски ги задолжи 30 милиони евра и каде и за кого ќе одат нивните пари, затоа што тој одлучи да крие.

На изборите на 11 декември граѓаните кажаа дека не сакаат неодговорни политичари, криминалци и институции што работат во служба на партии и лични интереси на функционери.

Во Планот за живот во Македонија СДСМ се обврза пред граѓаните дека секој граѓанин ќе може преку својот компјутер да ги следи сите државни трошоци, во моментот кога тие се реализираат. Сите државни институции и буџетски корисници ќе имаат обврска јавно да ги објавуваат своите финансиски извештаи. Буџетот ќе се носи по квалитетни јавни дебати. А криењето на јавниот долг ќе биде кривично дело.

Во демократска држава, во каква што избраа граѓаните да живеат, институциите мора да работат во служба на граѓаните и мора да го прават тоа јавно и отчетно.

Промените се незапирливи, доаѓа таков живот во Македонија! Од оваа 2017 почнуваме да го создаваме животот што го избравме“, се вели во соопштението на СДСМ.