СДСМ Гевгелија: Зошто се гради само пред избори и каде се потрошија 14 милиони евра од минатите 7 буџети

0
1023

Соопштение на СДСМ Гевгелија:

Човек не мора редовно да гледа телевизија и да следи политика за да сфати дека наближуваат избори. Зарибаните машини конечно после којзнае колку време повторно се разработеа на гевгелиските улици; се изведуваат мали, ситни проектчиња кои треба да го нашминкаат градот пред изборите и да прикажат дека демек еве локалната власт нешто работи и се грижи за градот и општината.

Но, ние гевгеличаните имаме добра меморија. Ние многу добро се сеќаваме што се’ ветуваше ДПМНЕ во сите досегашни предизборни кампањи и знаеме дека речиси ништо од тоа не е реализирано. За оние, пак, кои можеби заборавиле- да ги потсетиме: градоначалникот Франгов во неговите предизборни кампањи во 2009 и 2013 ветуваше големи и значајни инфраструктурни проекти кои доколку навистина беа реализирани ќе требаше да осигураат економски развој на општина Гевгелија.

Имено, Франгов ветуваше изградба на браната на Конска река, развој на двете индустриски зони кај Прдејци со илјадници нови работни места, изградба на градскиот плоштад, канализација во селата и што ли уште не! Граѓаните поверуваа на овие шарени лаги и два пати му ја дадоа довербата, надевајќи се дека тој ќе ги одржи дадените ветувања. Денес после 7 години од неговите ветувања не е остварен ниту еден голем и значаен проект. Од браната Конско абер нема, индустриските зони зјаат празни обраснати со трева, за градскиот плоштад веќе не се ни зборува, а канализацијата во селата се’ уште не е решена од некои чудни и необјасниви причини. Можеме да констатираме дека во недостаток на вистински проекти, Франгов го завршува вториот мандат со мини проектчиња со кои треба да го нашминка градот и колку-толку да прикаже дека демек еве нешто се работи.

Добро е што конечно после 7 години во градоначалничката фотелја, Франгов се одважи и ги извади машините на улица. Сега ќе изгради по некоја уличка, ќе направи некој кружен тек и се надева дека со тоа ќе го обели образот. Но, мораме да прашаме: зошто се чекаше толку долго за да се решат некои од проблемите во Гевгелија? И дали се тоа вистински проекти или само ситни проектчиња, кои дури не ни заслужуваат да бидат споменати? Зошто се гради само пред избори и каде се потрошија парите од минатите 7 буџети на Општината, односно 14 милиони евра? И зошто Франгов се занимава само со шминкерски и површни работи, а не се занимава со вистинските проблеми на градот и општината?

Му порачуваме на ДПМНЕ дека на народот му е преку глава од празни ветувања, од гола пропаганда и дека веќе никој не паѓа на ефтините финти.

Почитувани сограѓани, ѝ се гледа крајот на оваа фушерајска, неодговорна и недомаќинска власт. 11ти декември е блиску и народот ќе добие власт чиј приоритет ќе бидат суштинските проблеми на граѓаните и која ќе изнаоѓа квалитетни и издржани решенија.