СДСМ: Власта на Груевски ги задолжува граѓаните по 2 милиона евра на ден

0
1047

Опозицискиот СДСМ, по денешното задолжување на државата, најавува ревизија на сите задолжувања на граѓаните што ги направи и продолжува да ги прави, како што вели, неодговорната власт на Никола Груевски.

„Вкупниот јавен долг со секој нов ден од овие неодговорни луѓе на власт достигнува историско ниво. Од вчера долгот и официјално е 4 милијарди 760 милиони евра. Тоа значи дека секој ден во 2016 година власта на Груевски ги задолжувала граѓаните по 2 милиона евра. За последниве 9 месеци вкупниот јавен долг Македонија го зголемила за над половина милијарда евра или неверојатни 532 милиони евра. Ова значи и дека секој граѓанин на Република Мaкедонија е задолжен со 2.274 евра, а секое бебе се раѓа со долг од 2.274 евра“, соопшти СДСМ.

Од партијата додаваат дека вкупниот јавен долг ги надмина ризичните 50 проценти од БДП, како што предупредувале и како што предупреди и Светска банка кога изрази загриженост за огромните задолжувањата на Македонија.

„Дополнително за денеска, извршителот на Груевски, министерот за финансии Кирил Миноски има најавено ново задолжување на домашниот пазар од 61.5 милиони евра.

Сите задолжувања направени на товар на граѓаните ќе бидат преиспитани и за сите злоупотреби на парите на граѓаните ќе има одговорност“, стои во партиското соопштение.