СДСМ бара да се повлече ребалансот на буџетот додека не се расчисти случајот со обврзницата

0
894

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија бара ребалансот на буџетот да биде повлечен од дневен ред на Собранието сè додека не се расчисти законитоста на постапката за издавање на еврообврзницата од 450 милиони евра, изјави денеска пратеникот на СДСМ во Собранието, Марјанчо Николов.

Николов вели дека по вчерашната изјава на министерот за правда, Валдет Џафери, дека Министерството за финансии не побарало правно мислење за издавањето на еврообврзницата, што е законска обврска во согласност со Законот за јавен долг, член 18, став 6, станало јасно дека е прекршена законската процедура за издавање на еврообврзницата од 450 милиони евра.

„Со оглед дека овие 450 милиони евра дополнително беа пресметани во ребалансот на буџетот за 2016 година и тоа по завршувањето на амандманската расправа како дополнет предлог од Владата, сметаме дека до расчистувањето на скандалот со прекршувањето на постапката за издавање на еврообврзницата ребалансот треба да биде повлечен за Собранието не биде доведено да изгласа буџет кој навистина е нереален. Се поставува прашањето што ако заради прекршување на Законот за јавен долг и постапката за издавање на еврообврзницата, истата биде поништена, а Собранието го изгласа ребалансот со калкулираните 450 милиони евра и истите бидат потрошени. Кој ќе ја сноси одговорноста?“, изјави Николов.

Извор: Мета