СДСМ: Арсовска-Томовска лаже, нема договор за медиумите

0
809

„Марта Арсовска-Томовска лаже. Договор за медиумските реформи нема, затоа што од нив бегаат Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Груевски и ВМРО-ДПМНЕ бегаат од лидерски средби, бегаат од работни групи, избегаа и од дебатата за медиуми во Собранието“, стои во реакцијата на СДСМ по интервјуто на министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска-Томовска, во неделното интервју на „Радио Слободна Европа“.

„Груевски и ВМРО-ДПМНЕ сакаат да продолжи корупцијата на медиумите под нивна контрола со пари од граѓаните. Реформите во медиумите што треба да обезбедат услови за фер и демократски избори значат целосна департизација и професионализација на советите на Агенцијата за медиуми и на јавниот сервис МРТВ. Ова е обврска што произлегува од Договорот од Пржино, од извештајот на Прибе, но и обврска од Извештајот на Европската унија за Македонија. На таа линија е и ставот на СДСМ што е познат на домашната и на меѓународната јавност. Неопходно е партиските кадри во советите на Агенцијата за медиуми и на МРТВ да се заменат со експерти. Груевски попусто се обидел преку Арсовска-Томовска да се спаси од вистински медиумски реформи“, стои во соопштението.

Следните избори во Македонија, се вели во реакцијата, мора да бидат фер и регуларни.

„Тоа значи со прочистен избирачки список и со медиумски реформи, го сакале тоа Груевски и соработниците или не“, се заклучува во соопштението на СДСМ.