СВЕДОЧЕЊЕ НА ЗАЕВ ВО СУДНИЦА : Пред објавата на „бомбите“ имав 4 средби со Груевски, му раскажав негови прислушувани телефонски разговори

0
1226

Премиерот Зоран Заев во моментот во Кривичниот суд сведочи за масовното нелегално прислушување во УБК, односно за случајот „Таргет и Тврдина“.

Тој во своето сведочење го спомена екс премиерот Никола Груевски, но ниту еднаш не го спомена името на тогашниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кој е еден од обвинетите.

На прашањето на обвинителот Трајче Пеливанов, кога прв пат слушнал за нелегалното прислушување, премиерот рече:

-Прв пат слушнав кога станав претседател на СДСМ во 2013 година и за прв пат тогаш и увидов, одговори Заев.

Тој појасни дека во тој период одговорен за безбедносните прашања бил професорот д-р Зоран Верушевски, а комисијата имала од три до пет членови, за кои рече дека не се сеќавал кои точно биле.

-После примопредавањето на функцијата, новиот лидер одржува состаноци со сите шефови во партијата. Така претседателот на комисијата за безбедност Верушевски ме запозна со целосниот делокруг на работата на таа комисија, а еден дел беше прибавување на информации од безбедносен карактер за потребите на партијата.

Партијата преку комисијата располагаше со документи, материјали, од типот на незаконско следење на комуникациите. Документите и материјалите беа и во пишана форма и аудио, рече Заев, кој додаде дека таквиот тип на информации се достапни на лидерот на партијата, а тој одлучувал со кого ќе ги сподели.

На прашањето дали бил запознаен како материјалите стигнале во СДСМ, тој рече дека бил запознаен.

-Да, Верушевски ме запозна по кој пат комисијата ги добила во располагање таквиот тип на материјали и документи.

Потоа обвинителот го праша сведокот дали ги познава Ѓорѓи Лазаревски и Звонко Костовски?

-Денеска ги познавам, но во тој период кога бев запознат со документите и материјалите од Верушевски не ги познавав ниту Костовски ниту Лазаревски, рече Заев, кој додаде дека не знаел дека материјалите стигнале преку нив.

Тој појасни дека Верушевски го информирал дека документите доаѓаат од институциите на државата, а во тоа можел и самиот да се увери.

-Од материјалите увидов дека се прави масовно незаконско прислушување без судски налог. Според моја проценка обемот бил повеќе од 20.000 граѓани, од кои дел биле директно прислушувани. Најзастапена беше опозицијата и највисоките претставници на СДСМ, обем кој отскокнува од другите. По опозицијата, беа новинарите, експерти, меѓу кои и универзитетски професори. На исто ниво беа и претставници на невладини организации, но и деловни луѓе, високи претставници на верски заедници и неколку телефонски броеви од високи претставници од тогашната власт. Она што морам да го издвојам дека на прислушкувања биле ставени и високи претставници на сите албански политички партии, рече сведокот.

Дали вие се најдовте во тие прислушувани разговори, праша обвинителот?

-Да, веднаш зад претходниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенкоски. Бев прислушуван на двата телефонски броеви кои тогаш ги користев. Според материјалите прислушувањето се вршело од период во 2008 до почетокот на 2014 година, рече Заев.

Тој појасни и како знаел дека материјалите биле изработени во УБК.

-Аналитиката која се правела до врвот на политиката во тоа време, а тоа е тогашниот премиер Никола Груевски и другите податоци недвосмислено укажуваше дека доаѓаат од МВР, односно УБК. Како биле доставени материјалите со нив имаше и материјали од кои се гледаше дека МВР воспоставило и посебни истражни мерки. Еден дел од моите разговори произлегуваа од воспоставување на посебни истражни мерки и врз мене како градоначалник и претседател на СДСМ. Односно мал дел од разговорите беа обезбедени со ПИ-Мерки, а поголемиот дел нелегално, рече премиерот.

Тој ја потврди автентичноста на „бомбите“, односно на неговите разговори, потсетувајќи дека тој самиот објавил разговор од него и неговата тогашна малолетна ќерка.

-Не дозволивме да излезе ниту еден разговор од приватна природа, туку оние кои укажуваа на кршење на законот, рече сведокот.

Тој дополни дека поседувале преку еден милион различни комуникации, односно разговори.

-Информацијата дека поседувам вакви материјали ја споделив со тогашниот премиер и неколкумина стручни лица во обвинителството во кои верував. Груевски се шегуваше и на средбите дека тоа не е возможно, односно толку материјали да бидат во наш посед. По укажување на луѓе од обвинителството, одлучив да ги споделам со јавноста кои што ќе го натераат општествениот систем соодветно да се позиционира, рече сведокот Заев.

Обвинителот Пеливанов го праша сведокот колку пати во тој период се сретнал со Груевски?

-Пред објавувањето на „бомбите“ имав четири состаноци со Груевски во неговиот кабинет. Му предочив дел од тие материјали во наративна форма, за содржината на неколку разговори, со цел да му докажам дека поседуваме такви разговори. Му раскажав содржина на негови разговори. Еден од разговорите е како тој тајно купува плац на Водно, рече Заев, кој додаде дека Груевски му побарал аудио или транскрипт од разговорите, но не му дал.

ИЗВОР: ФОКУС.МК