САШО ОРДАНОВСКИ: Конечно дојде време Македонија да ги скроти тајните служби!!!

0
1657

Пред петнаесетина и повеќе години, во полуофицијална посета на Македонија беше дојден тукушто пензионираниот шеф на една од најголемите западни служби за разузнавање, еден постар, негуван господин кој како да беше излегол од филмот за тајната служба „Кингсмен“. На негово барање – ај сеа?! – домаќиниве ми организираа ручек со него, на кој на долго и широко си ги чешавме јазиците за, како што е ред, разно-разни неважни теми. Сепак, некаде околу десертот, не пропушти прилика да ме потпраша што мислам дека е проблемот со нашиве тајни служби?

„Господине – ќе да му бев рекол – сѐ додека политичарите мислат дека процесите во општеството можат да ги насочуваат преку контрола на луѓе, а не преку слободна, демократска размена на аргументи и идеи, тајните служби ќе им бидат еден од главните лостови за останување или за доаѓање на власт, а не за пресретнување на вистинските безбедносни предизвици“…

Бидејќи не слушна ништо спектакуларно ново, „кингсменот“ констатираше дека времето во Македонија е необично топло за тоа доба од годината.

Во изминатите 27 години никако не дојде ред за реформа на тајните служби: прво поминавме години на осамостојување и разни безбедносни предизвици на работ од нервен слом. Потоа се случи атентатот врз претседателот Глигоров, што ја спречи – иако можеше и обратно – секоја размисла за чепкање во службите. Следуваше промена на власта, па Косовската криза и големиот бран бегалци, по што, без пауза, дојде војната на НАТО со Србија.

Тоа беше подолг период во деведесеттите во кој Скопје ги одживеа годините на Лисабон и Виена меѓу двете светски војни, кога овде буквално можеше да те фати тежок бронхитис од вирусите што ги пренесуваа големото количество разни регионални и белосветски цивилни и воени разузнавачи и други трговски патници. Па од сето тоа „природно“ израсна нашата криза од 2001 година, со сите безбедносни трауми што ги подразбира еден таков настан. Уште не бевме салам земале здив по Охридскиот Рамковен договор, ни загина претседателот Трајковски под релативно сомнителни околности, по што повторно ни требаа уште неколку години и разни политички претумбации и вратоломии за, колку-толку, да се вратиме на себе…

Потоа си дојде Грујо на власт и историјата заврши. На братучедите им дојде како „кец на десетка“ долгогодишната нереформирана и многу пати политички злоупотребена тајна полиција, за од неа да направат тотална пачавра и главна патерица за злосторничкото здружување околу кое се обединија во владеењето со Македонија.

Денеска, можеби за прв пат од осамостојувањето, македонските тајни служби се наоѓаат пред сериозна можност за преобмислување и нов начин на организирање. Можеби повеќе од зорт (Прибе, НАТО, дисконтинуитет и сл.), отколку од мерак, но мал е временскиот прозорец низ кој треба да ги протнеме реформите во и на службите, и оние за и оние контра разузнавање, пред повторно да се случи некоја поголема политичка или безбедносна хаварија или додека не ѝ помине мераков на сегашнава власт за реформи.

Тие зафати не треба да бидат само околу тоа кој и како ќе управува со процесот и како ќе се контролира опремата за следење на комуникациите. Тоа бездруго. Туку поголемото прашање е она старото, принципиелно: повеќе централизација или повеќе децентрализација на моќта околу секторите кои би требало дискретно, а ефикасно и демократски контролирано, по закон, да се грижат за нашата севкупна безбедност? И дали стари кадри од деведесеттите можат на нов начин да ја водат оваа модерна расправа во поодминатиот 21 век?

Мислам дека во тие размислувања сме некаде околу констатацијата дека времето во Македонија е необично топло за ова доба од годината.

Извор: Цивил медиа