Сарачини: „Нема правда-нема мир“ е идеал кој полека почнува да се остварува

0
1143

ШАРЕНИТЕ РЕВОЛУЦИОНЕРИ ЈА ВОДЕА И ЈА ВОДАТ И БОРБАТА ПРОТИВ РЕКЕТАРИТЕ, И ЌЕ ПОБЕДАТ

Во врска со она што се случува со едно од многуте крила на најпопуларното хоризонтално движење во Македонија, #ДвижењетоРекетирам, Младиќот околу полноќ, гледајќи традиционално во својата кристална топка, не може а да не ја деконструира оваа пренасилена и тенденциозно пумпана атмосфера на разочарување и наводен „морален пораз“ на Шарената револуција, драги мои пријател(к)и. Бидејќи состојбата воопшто не е таква. Шарената револуција и сега ја води борбата против криминалците и рекетарите, и ќе победи и во неа. А во прилог неколку неоспорни факти:

Најпрво, драги мои, случајот „Рекет“ го води обвинителка која го демонстрираше својот граѓански суверенитет и беше со Шарената револуција, додека, се сеќавате, бааги луѓе, меѓу кои и оние што најмногу ја шират тезата за наводниот морален пораз, „не се бавеа со политика“, или ги плукаа „платениците“ од „куферчињата на Сорос“ како дел од монструозната криминална клика и агит-проп машинерија на мвро-вмро.

Второ, Шарената револуција се бореше за правда, и застана зад единствената институција која во тој момент демонстрираше правда, во моменти кога тогашниот претседател, исто така дел од политичката структура која ја претвори Македонија во заробена држава, донесе аболиција, со која сакаше да го уништи спроведувањето на правдата.

Тоа беше поводот за избивање на Шарената револуција. СЈО веќе постоеше пред тоа и почна со првите истраги, кои власта и тогашниот пастир и војвода а сегашен азилант и соработник на унгарската држава преку Иванов се обиде да ги спречи. Граѓаните излегоа на улица не за Катица, Фатиме, Ленче, туку затоа што некој се обидуваше да ги спречи да работат.

Тоа за минатото, а за сегашноста и иднината: како што гледате, полека полека, се будат институциите на системот, почнува да функционира регуларното обвинителство, она за организиран криминал, Антикорупциската комисија, критиката е слободна, случаите на злоупотреби се откриваат далеку полесно.

Така ќе продолжи и во блиската иднина. Ќе биде се полошо за криминалците и рекетарите, а подобро за граѓаните, за чесните, работливите луѓе на оваа земја, кои видоа доволно маки. Па видете вие кој е победник, а кој поразен во таква ситуација. Затоа е и оваа хистерија на оние што ја доведоа државата до дереџе да има специјално обвинителство.

За нив, да повтори младиќот тоа што и во други прилики го напишал. Немаат мир пустите, и се уште се обидуваат да ја поганат Шарената револуција, онаа што ги порази до колена на секаков план – политички, етнички, етички, морално, како сакате…

Тој пораз ги боли секој ден. Со години. Ги гледаме, слушаме ете веќе 3 години и повеќе, од уста не ја извадија Шaрената револуција. По митинзи не спомнуваат, во спотови не клаваат, по насловни спружуваат, уште по социјaлни мрежи плукаат и се закануваат, и знаеме што чувствуваат, како што самите фројдовски велат: со тој пораз ќе треба да се будат и да заспиваат. Со години, чекајќи го тој „еден ден“…кој никогаш нема да дојде.

Се што им останува е да се обидуваат да се потсмеваат, да навредуваат, клеветат, мразат или да манипулираат. А допрва ќе разберат, дека „нема правда-нема мир“, тоа што за нив е нешто недофатливо, е идеал кој полека почнува да се остварува.

Додека тие се уште му се клањаат на џет-сетерот од Будимпешта и живеат во негирање на криминалот и општествениот злостор што го спроведуваа цела деценија со кој ги уништуваа токму институционалните, правните, образовните, моралните капацитети и вредности на општеството, таквите идеали, вредности и морални позиции ќе бидат нешто што во најдобар случај можат само да го имитираат, и тоа лошо и гротескно, бидејќи ниту ги чувствуваат, ниту пак ги разбираат.

Фејсбук статус на Петрит Сарачини