Самоубиство на диктатурата

0
1222

Народот на клоци уште во април ќе ја избркаше од власт тајфата насилници и криминалци доколку останеше датата на избори на која заинатено инсистираше врхушката на дпмнето. Конечното уривање на дикататурата кое, за сите, освен за врхушката е готова работа, е само одложено. Многу било, малку останало.

Добрата страна на одлагањето на изборите е што врхушката на дпмнето во паника од последиците на неизбежното и конечно заминување од власт, ќе има време до крај да се разголи и разоткрие. До крај да го заврши процесот на самоубивање, покажувајќи ги сите грди страни на насилничко самоволие и криминално владеење.

Одложувањето на изборите отвора простор Специјалното обвинителство да заокружи уште некоја истрага, да поднесе нови кривични пријави и барања за притвор. Наместо аболиција, врхушката на дпмнето ќе треба да бара вон сила да се стави Кривичниот закон. Толку многу го има прекршувано, што дури и секој ден да бара нова аболиција пак не ќе може да се спаси.

Спектакуларен политички автогол, катастрофално саморазобличување на дпмнето е срамното барање амнестија за изборен криминал. Колку многу треба да се биде забеган и недоветен непосредно пред избори да се бара амнестија, како за стариот, така и за новиот криминал што се подготвува за претстојните избори.

Талентите од дпмнето со барањето амнестија најотворено, пред народот, признаваат дека на изборите имало здружување за изборен криминал. Нивното спектакуларно самоубиство е и двојно признание. Најнапред, ја потврдува веродостојноста на „лепените“ и „сечени“ сведоштва од прислушувањето. Истовремено е силна поткрепа на основаноста на кривичните пријави на Специјалното обвинителство. Забеганата врхушка на дпмнето, осомничена за криминал, чија што рака јасно се гледа зад предлогот за амнестија, не само што го гази Уставот, туку таа е и Уств и држава. Тврдењето дека со најновото кршење на Уставот е извршен државен удар е делумно точно. Тоа одамна е сторено. Талентите сега само ги дотолчуваат Уставот и државата. Со аболицијата од Уставот прават крпа за да ги избришат недобројните криминални валканици. Тешко ќе најдат толку голема, а и да најдат не се добришуваат.

Извадена од памет поради неизбежното губење на власта и соочувањето со политички и правни последици од криминалното и коруптивно, тендерско и самоволно владеење, коалицијата на власт во самоубиствениот поход пак поттикнува национална нетрпеливост и судири. Свесно прави злостор кон народот и државата, покажува колку длабоко е во очај поради неминовното губење на власта.

Националистичкиот пинг-понг помеѓу двоглавиот орел и крстот е веќе видена, местена „утакмица“, игра излитена од злоупотреба која никој не ја зема сериозно. Нов елемент е само физичката пресметка, која на обидот за контролирана меѓунационална нетрпеливост треба да му даде тежина и веродостојност. Залудно, националистичките провокации само го забрзуваат конечното заминување од власт.

Кршење на Уставот и националистичките провокации се очајнички, самоубиствени потези на страв и паника со кои диктатурата сакајќи да се спаси самата, докрај се разголува и саморазобличува. Тешко може да се предвиди на што с? е подготвена врхушката, на какви с? подлости и гадости против сопствениот народ и држава, само за да продолжи со самоволие и грабеж.

Барањето амнестија за кримнал е јасна назнака дека дикатурата во самоубиствената агонија е подготвена и за насилничко сценарио. Против народот и државата со сила можат да посегнат само забегани душмани. Посегнувањето по сила, само за да се остане на власт е самоубиствен потег. Силата на насилникот многукратно ќе му се одмазди. Силата на народот, кому конечно му е смачено од десет години диктатура, е неброено пати поголема од силеџиството на грст злосторници кои држат во заложништво народ и држава.

Изборите во јуни ќе бидат забележани како една од поважните дати во историјата на Македонија. Како ден кога народот, по десет години, конечно ќе се ослободи од тајфата злосторници; ден кога конечно ќе заврши самоубиството на диктатурата.

Ристо Поповски

Извор: Глобус

Слика: Свирачиња