„Самовработување со грант“ – 35 невработени лица од општина Прилеп добија неповратни средства за отворање сопствен бизнис

0
1431

Во Центарот за вработување во Прилеп, денеска беа потпишани договори за мерката „самовработување со грант“, со што 35 лица добија неповратни средства во висина од 5.000 евра, за отворање сопствен бизнис.

„Станува збор за мерка за неповратни средства во висина од 5.000 евра за отпочнување сопствен бизнис за невработени лица. Исто така, имаме грантови и за содружници, со кои две лица може да добијат 10.000 евра. Овој проект е дел од оперативниот план на Владата за активни програми и мерки за вработување за 2019 година, за кој оваа година во Центарот за вработување аплицираа 161 лице. Првите договори беа склучени во септември оваа година, вкупно 68 а денеска и преостанатите 35“, изјави раководителот на прилепскиот Центар за вработување, Гордана Младеноска.

Грантовите се доделуваат за различни дејности, меѓу кои и за плочкари, продавници за трговија на мало, автолимари, фитнес и фотографски студија. Интересот за добивање грантови за самовработување секоја година се зголемува, од причина што лицата кои добиле грантови имаат право да користат и други мерки и поволности кои ги дава Агенцијата за вработување.

„Добив грант, неповратни средства од АВРМ за да отворам свој бизнис. Ќе отворам женски бутик со кој мислам дека би можела да работам, да имам повеќе финансиски можности. Со бизнис планот ќе ми се дадат повеќе можности и би имала подобра иднина за мене и за моите деца“, вели Елена Илиеска.

„Добив неповратни средства и како гипс

мајстор, планирам да отворам фирма за кнауф и фасади. Се надевам дека ќе имам повеќе работа во наредниот период“, изјави еден од добитниците на грант, Мартин Митков.

Во моментов, во Центарот за вработување во Прилеп се евидентирани 11.592 лица, од кои 7.000 се активни баратели на работа.