САКАМ ДА КАЖАМ: Малку трудна

0
1134

Не се согласувам со тие што велат дека тоа што го гледаат на телевизиите е реално шоу. Не е. Ова е надреално шоу. Секое сабајле прво ги менаџираат утринските програми со јавувања на граѓани. А навечер ги менаџираат вестите. Што се случува? На Канал 5 уште рано сабајле отвораат некои теми.

И се јавуваат граѓани и, да речеме, ја фалат статистиката дека се намалила невработеноста. Арно ама, после продолжуваат да ја кажуваат приказната за 200.000 разлика во гласови. И водителката ги прекорува: „Госпоѓо, или господине, за темата Избирачки список ќе збориме после 9 саат. Од седум до осум збориме за вработувањата“. Нема лабаво. И за фалење на Владата треба да се има „мој термин“.

Навечер на вести се појавува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со градоначалници и со директори, и решава проблеми на граѓани. Како драмска секција пред камери. А новинарите имаат домашна задача, состав по мајчин јазик. Шета Груевски озвучен со бубачка, се распрашува за проблемите на граѓаните, а човечињата околу него му даваат отчет пред камера. Спире, може тоа да се заврши брзо? Ивица, до каде сме со таа работа? И тука пред камера тие спонтано му кажуваат што е проблемот, а лидерот спонтано го решава.

Другата вечер, повторно на вести, новинарите со домашната задача по мајчин јазик кажуваат дека проблемите од вчера веќе се решени. Како бе така? Вчера на вести ветено, а денес веќе остварено. Како може шеф на партија денес да вети, а државата утре да му го исполни ветувањето. Груевски ги решава проблемите за само еден ден сега, кога е само лидер на партија. А замислете да беше премиер.

6. Тоа министрите, замениците, пратениците, градоначалниците, советниците, директорите, лекарите што секој ден на вести му играат пиперевка на Груевски, ич не ги жалам. Си ги знаат тие способностите. Ни нивните баби во најубавите соништа не можеле да видат до каде ќе им дотуркаат внуците, да не бил Груевски да ги постави таму каде што се. Туку повеќе си се жалам себеси оти безочно ни ги трошат нашите пари. Оти Груевски не се крие дека од позиција на партиски лидер ја тера државата да интервенира за да победи неговата партија. А и телевизиите не кријат дека промовираат државни активности по налог на партиски лидер. И тие, во занесот да покажат колку им е добра домашната, прават грешки. Па пренесуваат изјави од задоволни граѓани што на Груевски му се обраќаат со „премиере“. Кога го испраќаат му викаат: „Фала ви, премиере“. Така што ич не ми е гајле што градоначалници избрани од народот со чист Избирачки список и во кристално чист изборен процес примаат наредби од лидерот на партијата. И јасно ми е дека оние граѓани што чекаат „мој термин“ за да се јават на утринските програми не прават разлика што е држава, а што е партија. Ама затоа, пак, големо гајле ми е што сите ние ја плаќаме кампањата на ВМРО.

Горан Михајловски
колумната во целост прочитајте ја ОВДЕ