Роби Телекабел го затвора „Ангелс кафе“, режимот го сардисал со инспекции

0
1542

angelscafe

Димитров – Роби и менаџерскиот тим на Текабел одлучија да го затворат “Мостот на убавото урбано живеење – ANGELS CAFE”.Во своето обраќање Роберт Димитров – Роби вели:

Драги Ангели,

Наместо најава за некоја голема журка, овој пат ќе ве разочарам со одлуката која ја донесов заедно со мојот менаџерски тим.

Ипокрај првичниот план, Ангелс кафе да се реновира, донесовме конечна одлука да го затвориме локалот на неопредлено и во некое подобро време. Иако проектот е направен, плановите за реновирање беа донесени, во последен момент ја донесовме оваа одлука. Сигурно се прашувате зошто?

Постојат повеќе причини- оваа работа бара многу енергија и време, претпазливост и трпеливост, за да фунционираме нормално како досега, но тоа е се повеќе комплицирано и тешко. Имаме обврски од нашата основна дејност – Телекабел, фирма која оваа година се најде на 29- то место по успешност во Македонија, како и од другите фирми кои ние ги менаџираме. Јас поголем дел од времето го минувам во странство, и сепак најголемиот товар останува на тимот во Штип. А тие веќе се уморни од инспекции, нервозни од селективниот однос на институциите, ненаспиени од мислата за вашата безбедност во локалот секој викенд, трудејќи се да биде се во најдобар ред. И за среќа за овие 65 месеци од како постои Ангелс кафе ни еднаш немало инцидент и не интервенирала полиција.

Ангелс кафе за овие 5 години имаше цел да биде Мостот до новото урбано живеење во Штип. И успеавме во тоа. Секогаш со познати ДЈ и бендови, секогаш со најдобар избор на музика, а никогаш со турбо фолк и шунд. Вие ни возвраќавте со Вашата посетенот и Вашите среќни лица, секогаш расположени да поддржите добра забава, насмеани, средени и најубави.

Ангелс кафе ќе остане дел од нашите животи, местото каде ги доживеавме нашите најубави моменти. Нека остане запаметено како катче кои ги подигна стандардите на културно место, на убаво кафе, на најдобра услуга.

Ми беше чест и задоволство што успеав цела Македонија а и пошироко да дознае за Ангелс Кафе и ноќниот живот во Штип. Ми беше чест и задоволство што успеав да Ве задржам 5 години во континуитет на ова прекрасно место. Ми беше чест што Ви подарив дел од мене и мојот живот, ангажирајќи се со огромна љубов и внимание, за да се биде совршено, а Вие да си поминете незаборавно.
Се што правевме, се правеше од љубов. Но вие тоа го препознававте, па не дозволивте локалот да работи со загуба, напротив, со прометот кој го правевте се надокнадуваше финансискиот дел од кој бенифит имавме и ние, и Буџетот на РМ и вработените.

Огромна благодарност до вработените. Ви благодарам што бевте лојални, што бевте одлични работници, што го сакавте Ангелс кафе како свој дом. Mенаџери, шанкери, келнери, помошници, магацинер, хигиеничарка, обезбедување -сите прекрасни луѓе, на кои сум горд и секогаш ќе бидам тука ако Ви затреба мојата поддршка и помош.

Огромна благодарност до сите Штипјани, гости во Ангелс кафе, гости од цела МК и странство, ДЈ, бендови, деловни партнери. Сите бевте дел од Ангелс кафе, сите со својата позитивна енергија бевте заслужни за да се тече беспрекорно.

На крај ќе посакам сите да сме живи и здрави, и да се гледаме само за убави работи.

И сосема за крај, да Ве информирам дека решив да ги донирам сретствата од овој викенд, кои цел град не можеше да ги собере за Иван. Срамота е за сите бизнисмени, за Општина Штип и за градоначалникот на Општина Штип да немаат пари за да спасат еден млад живот а да имаат пари за турбофолк манифестации. 1000 евра донирав кога почна акцијата за помош на Иван, но помина многу време и сеуште не се собрани потребните средства. И срамота и греота. Нека Ви служи на чест!

Утре за Иван Стојанов ќе ги донирам потребните 6000 евра од сите нас што бевме дел од последиот викенд во Ангелс, и ќе му посакаме побрзо оздравување и среќен пат за Кина!

ANGELSCOLOURS