Мерси Љубчо

0
3357

И така лека полека, се расветлува една од најголемите политички гротески изведена пред десетина години во хотелот Панорама, во сценариo на Љубчо Георгиевски и Никола Груевски со наслов „Нож во грб„

Во овие две декади на плуралистичка Македонија, постоеле неколку политички заткулисни игри помеѓу различни политички фигури кои потоа ја креирале политичката сцена и судбината на граѓаните. За некои претпоставувам, како и многумина други, за некои сум слушнал од живите сведоци на таквите, а во една и сум бил нем набљудувач. За оваа последната ќе пишува некој од главните ликови во своите мемоари или пак набрзо актерите ќе си ја раскажат на јавна сцена. Но таа е само последица на фингираната „Панорама„ и затоа да се вратиме на неа.
Уште многу одамна сум кажувал јавно дека конфликтот помеѓу Груевски и Георгиевски е перфектно изведена политичка претстава со која на Груевски му се отвори патот да го прави тоа што ни го прави во овие 9 години. Кога уште во 2010, во предвечерието на коалицијата Црвенковски – Георгиевски го пишував тоа, никој не го разбираше сериозно. Највероватно тоа ќе биде и сега така. Но неважно. Логиката е следна.
Како што и самиот си призна на неколку наврати, Љубчо Георгиевски е среброљубец а многу помалце, или пак воопшто не и властољубец. Неговиот мандат тој го искористил за да стане богат како „просечен бизнисмен„ и тука ја исполнил својата агенда. По препорака на проверени советници тој го препознава својот наследник во банкарскиот службеник во Балканска Банка. Инако тоа е директна бугарска инвестиција во времето на СДСМ, која подоцна станува и сопственик на НПК. Во Груевски тој гледа пред се властољубец кој е подготвен како министер за финансии да аминува се и сешто додека тој не стигне до нивото на просечен бизнисмен. Задоволен од своето лично богатство, Георгивски почека две години за да види дали „прошла опасност„ и дали СДСМ ќе ги однесе јабана само Ламбевци, Војовци и слични Далаверци и заедно со својот пулен ја изведуваат операцијата „Панорама„. Целта е да од таа фингерајка, Груевски и новиот ВМРО – ДПМНЕ излезат невини ѓоа бебенце.
Панорама и се околу неа е најдобрата политичка претстава во овие 23 години. Ниту СДСМ, ниту свети СДСМ на власт, неможеше да му помогне на Груевски да ја превземе ВМРО – ДПМНЕ, доколку тоа не беше план на Груевски и Георгиевски. Георгиевски едноставно реши да собере заедно со себе се што е искомпромитирано од периодот 1998 – 2002, а на својот пулен да му остави невина партија со огромен партиски имот. (Македонска Банка е само мала шала во однос на остатокот). За разлика од искрената желба на Црвенковски кој по враќањето во СДСМ сакаше да биде громобран, ама закачен на погрешно место, на главата на СДСМ, Георгиевски реши да се постави далеку од ВМРО – ДПМНЕ, дури и формирајќи нешто под име ВМРО – НП.

За фарсите подоцна, кога божем кокетираше со наивниот Бучковски и кога некој Трендафилов чинам беше, заборави да поднесе листи за парламентарни избори, ќе се потсетите сами.
За натаму е важно што тоа во принцип Георгиевски не се согласува со политиката на Груевски. Единствен проблем им е антиквизацијата. Со антиквизацијата се проблематизира словенското потекло на Македонците, а со тоа и нашите бугарски корени кои покрај среброљубието на Георгиевски му се втората најважна работа во животот. И толку.

Сите изјави на Георгиевски во последните девет години кога се појави од нигде никаде, се темпирани и составени само да му донесат поени на Груевски. Како некаков опозиционер, а посебно во периодот на коалицијата со Црвенковски, изјавите за големи политички прашања секогаш биле одличен пенал за власта.
Од другата страна, Груевски ката дневно му кажува мерси на својот створител. Имаше такви наивчини кои беа спремни да се обложат дека веднаш по 2006, власта на Груевски ќе го пронајде она што неможел или несакал да го открие СДСМ во периодот до 2006 околу бизнисите на Георгиевски. Тоа се приказни за мали деца. Империјата на Георгиевски расте паралелно и со слично темпо како и малата група олигарси околу ВМРО – ДПМНЕ. Она што деновиве е интересно е фактот дека оваа скриена љубов сега се објавува и јавно. Најпрво Груевски му ја исполни деценијската желба на својот шеф кој поодамна сакаше да ја претвори Македонија во офф-шор пералница на Балканот. Георгиевски додуша го предлагаше Кипар како пример, ама и Линхтенштајн не е лош.

Сега временски се споија интересите и на Груевски и на Георгиевски, и место да ги мавтаат парите низ белиот свет, ќе можат да си ги донесат тука при нас. Секако, фарсата со барокниот хотел е смешка во однос на тоа што се сработил и заработил Георгиевски во периодов на опозиционерскиве 9 години и надодал на иницијалниот капитал од просечен бизнисмен. Да, неговата раскалашеност, бахатост и расфрлање со пари е сосема на нивото на олигарсите околу ВМРО – ДПМНЕ кои јуришаат под девизата : „Покажи колку си ја сакаш државата така што ќе си ја купиш цела„

Кире Наумов